На рочиштето против 13 полициски службеници од Кочани и Штип, поврзани со случајот со дискотеката „Пулс“, сведочеа двајца пожарникари предложени од одбраната. Тие изјавиле дека евакуацијата била отежната поради чадот и топлината, а во гаснењето и извлекувањето на повредените заеднички учествувале повеќе служби и цивили.
Во Основниот предмет што се води против 13 полициски службеници од Кочани и Штип, на денешното рочиште беа сослушани двајца пожарникари, сведоци на одбраната. Во нивните искази, беше посочено дека „хидрант во дискотеката Пулс служел само за украс“. Тие навеле дека во сандачето имало црево, „но не и вентил“, па кога го отвориле сфатиле дека е неупотреблив.
Според сведочењата, евакуацијата на присутните се одвивала тешко поради чадот и високата температура во објектот. Сепак, пожарникарите објасниле дека на терен имало координирана помош од повеќе страни и дека „тимови од пожарникари, полицајци, обезбедување и цивили заеднички им помагале на повредените“.
Во исказите било наведено и дека полицијата претходно го расчистила пристапот за противпожарните возила, како и дека обезбедила простор за паркирање. Тоа, според сведоците, овозможило полесен пристап на службите до објектот во критичниот момент.
Од друга страна, семејствата на загинатите остануваат на ставот дека концертот требало да биде прекинат навреме. Тие сметаат дека дискотеката „Пулс“ немала законска документација за работа и за одржување концерт, па настанот, според нив, требало да биде спречен уште пред да започне, а ризиците отстранети навреме.
Во име на родителите на загинатите, на рочиштето беше поставено прашањето: „Ние, родителите на загинатите деца, прашуваме како ќе докажете дека вашите клиенти не се одговорни за непреземање на ненавремени мерки, кога последиците се шеесет и три загинати и двесте и осумнаесет повредени.“
Со случајот се опфатени вкупно 13 полициски службеници. Обвинителството ги товари дека не ја спровеле доследно акциската контрола, односно дека дозволиле во клубот да се користи пиротехника, која подоцна го предизвикала пожарот. Судењето продолжува со натамошно изведување докази и сослушување сведоци.