Романија, една од најмладите земји членки на Европска унија, првпат го презема претседателствувањето во Советот на ЕУ на 1 јануари, во контекст на демократско назадување.
Назадувањето на Романија во областа на владеењето на правото и демократските норми ги бранува европските институции со месеци, откако романската социјалдемократска Влада почна да презема контроверзни мерки.
Повеќе работи и се замеруваат на романската влада. Меѓу другото отстранувањето на главната антикорупциска обвинителка, Лаура Ковеси, како и други клучни личности од оваа област. Владата исто така се обидува да усвои закон за амнестија, од кој најголем бенефит ќе има токму лидерот на социјалдемократите, Ливиу Драгнеа, осуден за изборни измами, поради кои не смееше да ја прземе премиерската функција. Многумина сметаат дека сегашната премиерка е само „параван“ зад кој всушност Драгнеа ги влече конците.
Европскиот Парламент неодамна изгласа резолуција со која ја осуди и репресивноста и бруталноста на романските власти врз антикорупциските граѓански протести во август.
Во овој контекст, романското претседателство треба од утре да управува со агендата на ЕУ во наредните шест месеци, кои ќе бидат впрочем и меѓу најтешките. Во следниот семестар треба да се изнајде решение за напуштањето на Обединетото Кралство на ЕУ и да се подготват круцијалните мајски европски парламентарни избори кои можат значајно да го изменат политичкиот пејзаж во ЕУ.
Пред неколку дена шефот на ЕКа, Жан-Клод Јункер, отворено изрази сомнеж за капацитетот на Романија да го води ова претседателство. Земјата претседавач има задача, пред сѐ, да изгради консензус на европско ниво, имајќи ги предвид сите политички разлики и сензибилитети на земјите членки.
Неколку недели пред почетокот на романското претседателство, сериозно се разгледуваше можноста Финска, која ќе претседава со ЕУ од јули до декември 2019 година, да го преземе кормилото и во првиот семестар. Нешто што никогаш до сега не се случило во ЕУ. Идејата беше конечно отфрлена и Романија ќе си го заземе претседавачкото столче на 1 јануари.