Македонија

Декралацијата за Гоце Делчев ги скара ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – едните велат не се сфаќа сериозноста, другите бараат да се повлече

Декралацијата за Гоце Делчев ги скара ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – едните велат не се сфаќа сериозноста, другите бараат да се повлече

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не ја сфаќа сериозноста на Декларацијата – СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече Декларацијата за Гоце Делчев

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска испратија соопштение во кое се вели дека скандалозна е одлуката пратениците од коалицијата на СДСМ да ја отфрлат Декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ по повод 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев поднесена во Собранието.

„Со отфрлање на Декларација за Гоце Делчев јасно се гледа дека СДСМ ниту ја имаат прочитано Декларацијата, ниту ја сфатиле сериозноста на оваа Декларација поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ не објасни што конкретно од Декларацијата за нив е неприфатливо, дали за нив е спорно истакнувањето на ликот и значењето на Гоце Делчев во револуционерната борба за државност на Македонија. Повторно ги повикуваме пратениците на СДСМ и коалицијата во Собранието да одговорат дали за нив е неприфатлив повикот до медиумите во годината кога се одбележува 150 годишнината од раѓањето на Делчев да вообличат содржини со кои ќе се одбележи ликот и делото на овој најголем херој на земјата?
Не одговорија дали е неприфатлив повикот до Институтот за национална историја и до МАНУ  да организираат научни собири по повод овој голем јубилеј? Дали за СДСМ е неприфатлив и повикот до училиштата, во рамките на одделенските и класните часови, да спроведат активност со која учениците ќе се запознаат уште повеќе со ликот и делото на Делчев?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие прашуваат дали со одбивањето на Декларацијата во Собранието, СДСМ се против повикот за издавање на пригодна поштенска марка по повод овој голем јубилеј?

„Со отфрлањето на декларацијата од страна на СДСМ веќе е јасно дека СДСМ и пиунот Ковачевски преговараа за ликот и делото на Гоце Делчев, што е темелот на македонската борба за државност и независност. Ваквите скандалозни ставови на СДСМ по однос на Декларацијата го потврдуваат стравот на јавноста дека власта е дел од некое сценарио кое има за цел натамошно да ја девалвира државноста и историјата на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија“, се вели во соопштението.

Од СДСМ пак се јавија со реакција во која велат дека ВМРO-ДПМНЕ против делото на великанот Делчев, односно дека „тоа е партијата што ги воспеваше Михајлов, Александров и поставуваше споменици на Ќосето“.

„ВМРО-ДПМНЕ нанесува штета на ликот и делото на великанот Гоце Делчев преку нивната таканаречена декларација. Декларацијата е нивно политичко подметнување со цел да се продлабочат поделбите меѓу граѓаните. Оваа безидејна партија е против нашите евроинтеграции, во нивен стил повторно ја промашија темата. Бранат нешто што не е нападнато и со тоа покажуваат колку се исплашени и несигурни“, велат од партијата.

Тие додаваат дека СДСМ нема да дозволи таквиот дилентантизам и несигурност да бидат пренесени на граѓаните.

„Никој не заборава дека ВМРО-ДПМНЕ правеше споменици на Ќосето, дека на партиски настани воспева и слави личности како Ванчо Михајлов, Тодор Александров и други кои се спротивни на Гоце Делчев и на македонските интереси во тој период. Ваквото политичко понижување на делото на Делчев и штета на грбот на националниот интерес покажува дека нема разлика помеѓу Христијан Мицкоски и некои други бугарски политичари кои имаат за цел градење политички кариери преку одржување на спорот помеѓу двете земји. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да се засрамат и да ја повлечат оваа нивна срамна Декларација“, се вели во соопштението од СДСМ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни