Македонија

Сертификатите засега остануваат – за прележаните се продолжуваат од 45 на 180 дена

Се уште сме во фаза на широка трансмисија на вирусот и рано е за укинување на ковид-сертификатите, смета Комисијата за заразни болести.

Предлага продолжување на сертификатот по прележана болест од сегашните 45 на 180 дена. Вакцинацијата останува најдобра заштита од КОВИД-19, особено од хоспитализација и смрт. Засега не се размислува за задолжителна вакцинација, туку како таа да се поттикне.

Според анализата на Институтот за јавно здравје на сите случаи на хоспитализации и смрт од КОВИД-19 во периодот од 1 до 31 јануари 2022 година, само шест лица кои примиле трета доза завршиле со смртен исход. Сите смртни случаи кои биле контастирани имале коморбидитети, како што се дијабетес, карцином, кардиоваскуларни заболувања и обезност.

Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски вчера на прес-конференција информираше дека трите дози вакцина против КОВИД-19 во моментот даваат гаранција од над 95 проценти заштита од смрт.

Петличковски потенцира дека и во светот заокружен циклус на вакцинација веќе се однесува точно или на три дози или некаде има комбинации прележаност по две дози.

„Поентата е дека трите дози во моментот се тие кои даваат гаранција над 95 проценти за заштита од смрт и повторно тука има еден мал процент можност и човек вакциниран со три дози да заврши лошо, но шансите тоа да се случи се многу мали“, вели првиот човек на Комисијата за заразни болести.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни