Македонија

Од денеска се пушта во употреба европскиот број за итни случаи 112

Европскиот број за итни случаи 112, од денеска се пушта во употреба и за македонските граѓани, кои во итен случај, со вртење на бројот 112, во најкраток можен рок ќе ги добијат услугите на полицијата, итната медицинска помош или противпожарната бригада, од каде било во државата.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов денеска на прес конференција истакна дека граѓаните ќе можат да го користат овој број за итни случаи наместо досегашните броеви за брза помош, пожарна, полиција.

Според Ангелов, овој број на почетокот ќе биде достапен само за граѓаните од Скопје, а за околу 10 дена се очекува да работи на цела територија на Македонија.

„Постоечките броеви ќе бидат достапни уште една година. Доколку граѓаните свртат 192, 193 или 194 ќе ја добијат потребната услуга“, додаде Ангелов.

Воспоставувањето на целиот систем на бројот 112 за итни случаи беше поддржано од Европската Унија со 2,3 милиони евра, вклучувајќи хардвер, софтвер, како и стручна помош. Директен корисник е Центарот за управување со кризи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни