На новинарско прашање во однос на тоа како Македонија ќе застане позади тие кои сами се определиле како Македонци во Бугарија, Министерот за надворешни работи Бујар Османи посочи дека тие се бугарски државјани и бугарската држава треба да застане зад нив.
„Како што јас, односно како што оваа држава може да застане позади мене. Ние немаме право да застанеме зад граѓани кои не се наши државјани. Тоа значи Албанија да застане зад Албанците овде, Турција да застане зад Турците овде“, порача Османи.
Тој додава дека со Рамковниот договор Уставот се отворил за сите етнички заедници и тука не биле вклучени Бугарите.
„Отворање на Уставот за сите други етнички заедници е во склоп на политиката на оваа држава кон етничките заедници. Се додека е тоа барање на граѓани кои се од бугарска етничка заедница не мора да се смета како барање на бугарската држава“, вели Османи.