На новинарско прашање околу тоа дали министерството ќе реагира на историските филмови кој што ги емитува БНТ во Македонија каде Гоце Делчев е претставен како Бугарин, министерот за надворешни работи Бујар Османи посочи дека никако нема да дозволат да влезат во една ваква негативна динамика на односите со Република Бугарија кога актери не се државни актери.
„Во однос на БНТ ние не сме регулатор. Како МНР не можеме да се мешаме во програмската определба на самите телевизии. Мислам дека целта на прикажување на телевизиите овде и таму е заради да се видат различните погледи меѓутоа доколку има такви содржини, кои што можат да бидат против политиките на регулаторот во оваа држава мислам дека треба да се види од регулаторот. МНР нема можност да ги следи 24 часа странските телевизии“, додаде Османи.
На ова еден од новинарите запраша како премиерот Кирил Петков си дозволува да се јави кај македонскиот премиер Димитар Ковачевски за случај во кој некој скршил прозорци и истиот не дозволува прво да реагира МНР, односно дека се доаѓа во ситуација Македонија постојано нешто да се брани, додека пак од Бугарија ни пристигнаат провокации.
На ова министерот посочи дека смета дека целта на Петков е да се превенира ескалација на дебатата во однос на тие прашања.
„Неговата изјава дека провокатори има секогаш од двете страни, но ние не смееме да потпаднеме под тие провокации, беше изјава во добар правец. Тоа директно јавување ни дава и нас можност, во таква слична ситуација, да му се јавуваме на премиерот доколку имаме забелешка по однос на случувања таму кои не засегаат нас“, вели Османи.