Борис Џонсон ги објави плановите за укинување на сите ограничувања за ширење на коронавирусот. Веста доаѓа само еден ден откако стана јасно дека Елизабета Втора била позитивна на КОВИД.
Она што е јавно познато е дека Елизабета Втора продолжува да извршува „лесни должности“ во замокот Виндзор и покрај позитивниот тест за КОВИД. Бакингемската палата во неделата потврди дека 95-годишната кралица имала „благи симптоми на настинка“.
Лесните должности веројатно вклучуваат читање владини документи, кои обично заземаат значителен дел од работниот ден на монархот со најдолг стаж во британската историја. Медиумите на Островот коментираат дека и во овој момент кралицата е пример за своите поданици, за тоа како ќе живееме со КОВИД.
Лекарскиот тим на кралицата веројатно ќе ја следи многу внимателно, особено што нејзините неодамнешни јавни настапи покажуваат дека е значително послаба и помалку мобилна.
„Ова не е недела во која членовите на кралското семејство ќе се осврнат наназад со особено задоволство, но се сомневам дека на повеќето од нив главна грижа во моментов ќе им биде благосостојбата на кралицата“, изјави Метју Денисон. коментатор на кралското семејство.
Според владата, 81% од возрасните се зајакнати, а нивото на вакцинација е доволно за да се премине од забраните наметнати од државата кон промовирање на „лично одговорно однесување.“ Британија ќе биде првата голема европска земја што ќе им дозволи на луѓето кои знаат дека се заразени со КОВИД-19, слободно да одат на работа, да пазаруваат и да користат јавен превоз.
Владините советници предупредија дека укинувањето на ограничувањата може да доведе до брз пораст на инфекциите.
За една недела, по бурата Дадли и бурата Јунис, која остави повеќе од 56.000 домаќинства без струја, денеска на островот беснее трета бура наречена Френклин. Националната авиокомпанија и железницата предупредија на можни проблеми со патувањето низ Велика Британија. Многу оператори ги повикаа патниците да не патуваат.