Македонија

Кога партнерот одлучува што ќе облечеш и дали ќе работиш – Андонова за контролата што се прикрива како грижа

Кога партнерот одлучува што ќе облечеш и дали ќе работиш – Андонова за контролата што се прикрива како грижа

Партнерот ја уверува жената дека заработува доволно за двајцата и дека таа нема потреба да работи. Ако има своја плата, тој сака да одлучува како ќе ја трошат, со образложение дека така ѝ олеснува. Со овие примери јавната обвинителка Спасенка Андонова во „Ноќно студио“ на 4ТВ објасни како економската контрола во една врска може да се прикрие зад зборови што звучат како грижа.

„Каде си, со кого си, со кого се допишуваш, што имаш облечено, немаш потреба да работиш, јас сум тука доволен да заработувам за двајцата“, наведе Андонова, опишувајќи како проверувањето на секојдневните контакти може да оди заедно со преземањето на одлуките за парите.

Според обвинителката, физичкото насилство полесно се препознава бидејќи остава видливи последици. Психичкото и економското насилство потешко се препознаваат, особено кога партнерот го менува однесувањето. Андонова го опиша тоа како однесување „топло-ладно“. Еден ден партнерот покажува нежност и внимание, а следниот ја контролира. Кај младите девојки, посочи таа, таквото внимание може да придонесе проверувањето да го прифатат како израз на љубов.

Особено тешко станува кога партнерот почнува да одлучува и со кого жената може да се гледа. Со секој ограничен контакт се намалува и можноста некој близок да забележи што се случува и да разговара со неа.

„Кога вие имате моќ и контрола над некоја личност, вие одлучувате со кого и како ќе се дружи“, рече Андонова.

Токму затоа, според неа, важно е за овие однесувања да се зборува уште додека девојката ги доживува како вообичаен дел од врската. Кој одлучува дали таа ќе работи, како ќе ја троши сопствената плата и со кого ќе остане во контакт се прашања преку кои контролата може да се препознае и пред да дојде до физичко насилство.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни