Свет

ЕУ и НАТО ја осудија одлуката на Русија, а САД воведоа санкции

ЕУ и НАТО ја осудија одлуката на Русија, а САД воведоа санкции

ЕУ и НАТО вечерва ја осудија одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ја признае независноста на Доњецк и Луганск. Остро го осудуваме овој чекор, кој е во јасна спротивност со меѓународното право и договорите од Минск, се вели во заедничката изјава на претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен.

ЕУ ќе одговори со санкции против оние кои се вклучени во овој незаконски чин и ја потврдува својата непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници, додаваат тие.
ЕУ и нејзините партнери ќе одговорат обединето, цврсто и одлучно, во сочувство со Украина, се вели во соопштението на претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Твитер напиша дека ги осудува постапките на Москва. Според него, тоа ги поткопува напорите за решавање на конфликтот. Ја повикуваме Русија да престане да го поттикнува конфликтот и да ја избере дипломатијата, додаде тој.

САД најавија санкции против сепаратистичките региони во источна Украина, пренесе АФП. Бајден ќе потпише декрет со цел забрана на инвестиции, трговија и финансирање на ДПР и ЛПР, се вели во соопштението на Белата куќа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше со американскиот претседател Џо Бајден за време на обраќањето на Путин, се вели во соопштението на Белата куќа. Резултатот од разговорот не се соопштува.

Британскиот премиер Борис Џонсон, исто така, го нарече признавањето на сепаратистичките региони во источна Украина од страна на рускиот претседател Владимир Путин, кршење на меѓународното право и на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни