Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја осуди руската инвазија на Украина и рече дека се моли за Украинците, пренесе Ројтерс.
Трамп ја даде изјавата на големиот годишен форум на американските конзервативци неколку часа откако САД и нивните сојузници објавија драстични нови санкции кои ќе исклучат некои руски банки од глобалните платежни системи и ќе ја ограничат способноста на руската централна банка да ја поддржи рубљата.
Тој, исто така, го искористи својот говор за да го критикува демократскиот претседател Џо Бајден и повторно да навести дека ќе се кандидира за претседател во 2024 година.
На почетокот на неделата, Трамп налути некои членови на Републиканската партија, нарекувајќи ги постапките на Путин во Украина „генијални“ и „прилично паметни“.
Овој пат Трамп изрази сочувство за Украинците и го нарече „храбар“ украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Нападот на Русија врз Украина е срамота. Господ да ги благослови сите“, рече Трамп.
Тој додаде дека Путин го искористил фактот дека Бајден е „слаб“ за да ја нападне Украина. „Како што сите знаете, оваа страшна катастрофа никогаш немаше да се случи ако нашите избори не беа наместени и ако јас бев претседател“, рече Трамп.