Руската војска најавува „отворен и безбеден“ коридор за украинските цивили да го напуштат главниот град Киев, пишува Си-Ен-Ен.
„Апелираме до жителите на Киев. Сите цивили во градот можат слободно да го напуштат главниот град на Украина по автопатот Киев-Василков (Vasylkiv)“, се вели во соопштението на портпаролот на руското Министерство за одбрана, генерал-мајор Игор Конашенков.
„Уште еднаш, сакаме да нагласаме дека вооружените сили на Руската Федерација напаѓаат само воени цели, цивилното население не е во опасност“, додава тој.
Најмалку 352 цивили во Украина се убиени од почетокот на инвазијата, меѓу кои 14 деца, според украинското Министерство за внатрешни работи.
Украинските власти ги обвинија руските сили дека гаѓаат цивилна инфраструктура, вклучително и станбени згради и училишта.
Изјавата на Конашенков, исто така, вклучува неосновано тврдење дека украинската влада ги користи жителите на Киев како „човечки штит“, повторувајќи го тврдењето дека украинските „националисти“ распоредиле артилерија во станбени области на главниот град.