Белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеи денеска ги пречека делегациите од Украина и Русија на разговори, уверувајќи ги дека треба да се чувствуваат „целосно безбедно“.
„Почитувани пријатели, претседателот на Белорусија ме замоли да ви посакам добредојде и да обезбедам сè за вашата работа, како што беше договорено со претседателот Зеленски и претседателот Путин. Може да се чувствувате сосема безбедно овде. Ова е наша света должност“, рече Макеи.
Тој додаде дека Претседателот Лукашенко искрено се надева дека за време на денешните разговори ќе биде можно да се најдат решенија за сите прашања од оваа криза.
„Сите Белоруси се молат за ова. Сите предлози, во однос на организирање на денешниот состанок, ќе бидат разгледани и апсолутно исполнети. Со нетрпение ги очекуваме резултатите“, порача тој.
Точната локација на разговорите меѓу Русија и Украина се чува во тајност од безбедносни причини.
Разговорите се во Белорусија, но единствената локација што е објавена е дека тие се на брегот на реката Припјат во регионот Гомел во Белорусија.