Претседателите на осум земји-членки на ЕУ објавија отворено писмо во кое повикуваат на брза кандидатура на Украина за ЕУ.
„Ние, претседателите на земјите-членки на ЕУ: Бугарија, Чешка, Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Словачка и Словенија, цврсто веруваме дека Украина заслужува директна перспектива за пристапување во ЕУ.
Затоа ги повикуваме земјите-членки на ЕУ да ја консолидираат најголемата политичка поддршка за Украина и да им овозможат на институциите на ЕУ да преземат чекори за веднаш да и дадат на Украина статус кандидат за ЕУ и да го отворат преговарачкиот процес.
Во овој критичен момент, ја повторуваме нашата целосна солидарност со Украина и нејзиниот народ“, се вели во отвореното писмо.
Отвореното писмо уследи по апелот на украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно денеска да и се одобри на Украина членство во ЕУ веднаш по посебна процедура, а Украина официјално ќе поднесе барање за членство.