Поранешните високи претставници на меѓународната заедница за БиХ, Кристијан Шварц-Шилинг и Валентин Инцко испратија драматичен апел до лидерите на Европската унија и НАТО да го заштитат Западен Балкан, а особено БиХ, од сценарио слично на Украина.
Во заедничкото писмо до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, поранешните високи претставници на меѓународната заедница за БиХ, Кристијан Шварц-Шилинг и Валентин Инцко, предупредија дека лидерот на босанските Срби Милорад Додик и српскиот претседател Александар Вучиќ би можеле да ja искористат руските агресија врз Украина и да предизвикаaт инциденти или дури и нова војна.
„Србија и Република Српска не ги постигнаа своите цели од 1990-тите. Покрај тоа, тие негуваат многу блиски односи со Русија. Затоа, се плашиме дека сегашната агресија против Украина би можела да се прошири на Западен Балкан, првенствено на Босна и Херцеговина и Косово“, се вели во заедничкото писмо, цитирано од Дојче веле (DW).
Како најдобро решение за да се спречи избувнување на нова криза на европско тло, тие предлагаат „што побрзо и небирократски да се прими БиХ во ЕУ“ и посочуваат дека тоа е еден вид морална обврска со оглед на фактот што Унијата воведе ембарго за оружје во 1990-тите за да спречи нападнатиот да се брани од агресија.
Инцко и Шварц-Шилинг веруваат дека планот на Додик за отцепување на Република Српска се уште е жив во неговата глава, иако тој сега не зборува за тоа, а Русија и Србија велат дека го поддржуваат територијалниот суверенитет на БиХ.
Затоа тие ги повикаа НАТО и генералниот секретар Столтенберг да му дадат „цврсти гаранции на народот на БиХ дека нема да останат на цедило, како што беа пред 30 години“. Тоа, предлагаат тие, треба да се направи со преземање на неопходните чекори за да се спречат заканите за постоењето на Босна и Херцеговина.
Според нив, конкретен начин за тоа би било стационирање на војници на НАТО и ЕУФОР во близина на Брчко и на границата меѓу БиХ и Србија.
„Никој не знае кои се целите на Путин. Затоа бараме од вас да направите се што е во ваша моќ за да ја заштитите БиХ. Нејзините граѓани мора да добијат гаранции од НАТО во случај војната да се прошири на Западен Балкан“, рече Инцко. Тој додаде дека формулата „мирен Балкан – побезбедна Европа“ е незаменлива и дека во последните 15 години не видел толку голем интерес на меѓународната заедница за БиХ како сега и дека тоа му е многу драго.
За Србија, Шварц-Шилинг и Инцко имаат порака дека нивното однесување во однос на украинската криза покажува дека таа не го заслужила ниту членството во ЕУ бидејќи одбива да ја следи својата политика кон Русија и да воведе санкции.
Тие посетија и дека првиот висок претставник за БиХ, Карл Билт, на Твитер на 27 февруари, рече дека Србија се дисквалификувала од пристапниот процес со својот однос кон Русија, бидејќи на земјите кои не ги делат европските вредности не треба да имаат место во Унијата.