Во меѓувреме, додека Сергеј Лавров зборува во Москва, претседателот на Украина Володимир Зеленски објави ново видео.
Тој тврди дека одбранбените линии на Украина се задржуваат, но вели дека нема прекин во руското гранатирање градови од полноќ.
Тој вели дека промената на тактиката на Русија – на таргетирање на цивилни области – покажува дека Украина била успешна во отпорот на планот на Москва за брза победа преку копнен напад.
„Немаме што да изгубиме освен нашата сопствена слобода“, рече Зеленски, додавајќи дека Украина секојдневно добива оружје од нејзините меѓународни сојузници.
Неговите коментари доаѓаат откако беше покрената истрага за можни воени злосторства, при што Русија беше обвинета за бомбардирање цивили.
Зеленски го повика рускиот претседател Владимир Путин да си „оди во својот дом“
Тој вели дека Путин треба да ги брани луѓето што зборуваат руски – не низ целиот свет – „туку во својот дом“.
„И таму ги има доста. Околу 150 милиони“, додава Зеленски, пренесува Би-Би-Си.
Се чини дека ова е одговор на тврдењето на Москва дека нивната акција е во одбрана на луѓето што зборуваат руски во делови на Украина.
Зеленски, исто така, ја споредува руската инвазија со вирус, велејќи дека поминаа две години откако Украина го забележа својот прв случај на Ковид: „Помина една недела откако не нападна друг вирус“.