Пандемијата на коронавирус не е завршена и дистрибуцијата на вакцини низ светот останува „скандалозно неправедна“.
Ова го изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во коминике по повод втората годишнина од избувнувањето на глобалната здравствена криза, пренесе АФП.
„Најтрагичниот биланс на пандемијата влијае на здравјето и животите на милиони луѓе со повеќе од 446 милиони случаи ширум светот, повеќе од 6 милиони потврдени смртни случаи и безброј луѓе кои се борат со влошеното ментално здравје“, рече тој.
„Благодарение на мерките за јавно здравје без преседан и екстремно брзиот развој и имплементација на вакцините, многу региони во светот успеаја да ја преземат контролата над пандемијата. Но, би било сериозна грешка да се верува дека е готово“, додаде тој.
„Во исто време, дистрибуцијата на вакцините останува скандалозно нерамномерна – компаниите произведуваат 1,5 милијарди дози месечно, но речиси 3 милијарди луѓе сè уште ја чекаат својата прва доза вакцина“, рече Гутереш.
Според него, овој „неуспех“ е последица на „политичките и буџетските одлуки кои даваат приоритет на здравјето на луѓето во богатите земји пред здравјето на луѓето во сиромашните земји“.