Свет

Неколку дена без струја, телефони и парно: Во Мариупол собираат вода од стопениот снег

Неколку дена без струја, телефони и парно: Во Мариупол собираат вода од стопениот снег

Украинскиот град Мариупол веќе неколку дена е без вода, струја, парно и телефон. По прекинот на водоснабдувањето, луѓето ја собираат од потоци и снегот што се топи, пренесе АП.

Претставниците на украинскиот Црвен крст се обидуваат да им пружат прва помош на оние на кои им е најпотребна. Сепак, ресурсите се оскудни.

„Нема парно, струја, вода, природен гас. Со други зборови, нема ништо. Нема покуќнина. Водата се собира од покривите по дождот“, изјави Алексеј Бернцев, раководител на Црвениот крст во Мариупол.

Луѓето се во подрумите и чекаат вести за планираната евакуација.

Во Киев се уште има парно, вода и телефонска врска. Во денешното соопштение се вели дека силите околу главниот град на Украина се спротивставуваат на руската офанзива и „ја држат линијата“.

Во северниот град Чернихив, руските сили распоредуваат воена опрема меѓу станбени згради и фарми.

Во јужниот дел на земјата, Руси облечени во цивилна облека напредуваат кон градот Николаев, соопшти украинскиот Генералштаб.

Во меѓувреме, управата на североисточниот град Суми, на границата со Русија, објави дека за денеска се планирани дополнителни евакуации на цивили.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни