Oбвинителката на Врховниот суд на Грција, Ксени Димитриу нареди да се спроведе кривична истрага за заканувачките пораки што биле испраќани до пратеници кои го поддржуваат Договорот од Преспа.
Интервенцијата на обвинителката е да се утврди дали има прекршување на личните податоци и повици за извршување кривично дела, а доаѓа по написите во грчките медиуми, но и по јавно изнесените ставови на дел од пратениците.
Дел од пратениците, за грчките медиуми потврдија дека добивале закани преку телефон, а реагираа и од кабинетот на Ципрас, од каде што велат дека станува збор за антидемократска пракса.
– Механизмот на Нова демократија, очигледно со целосно знаење и водство, на господинот Мицотакис се обидува да ги исплаши пратениците. Тоа цинично го призна и портпаролот на Нова демократија, господинот Киранакис, кој овие телефонски повици ги карактеризираше како „обврска“. Пратениците ќе одговорат кревајќи го гласот на нивната совест за одбрана на она што е национално корисно, соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер.