Македонија

Продолжува состанокот на Историската комисија

Продолжува состанокот на Историската комисија
Во Скопје денеска продолжува втората од предвидените пет средби за оваа година на Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија. На дневен ред се забелешките дадени од бугарската страна за средовековниот период за нашите учебници по историја за седмо одделение, откако беа разгледани македонските забелешки за бугарските учебници за шестто одделение. Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера го повтори ставот, изнесен на состанокот во понеделникот во Софија на шефовите на влади на земјите-членки на НАТО од Југоисточна Европа, на кој присустуваше и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, дека очекува во најскоро време заедничката историска комисија на Северна Македонија и Бугарија да излезе со резултати. – Колку што сум информиран, напредокот е огромен. Се радувам, дека кога од двете страни има дух да работиме заедно, се постигнуваат успеси, рече Петков пред новинарите за време на посетата на Благоевград. Според него, има неколку клучни аспекти – кога ќе се отворат архивите и говорот на омразата, што сме направиле како механизам против тоа. Петков додаде дека е важно што ќе биде ставено во потенцијалната преговарачка рамка, како на пример дали Уставот на Северна Македонија ќе ги вклучува правата на Бугарите и дали ЕУ ќе сака да биде гарант за тоа. Во понеделникот, Петков рече дека има добри вести во однос на работата на историската Комисија и извести оти е постигнат напредок за важни историски личности во разговорите за надминување на разликите.
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни