Производителите на хартиен материјал во Хрватска поради повисоките цени на суровините, материјалите за пакување и логистиката најавуваат повисоки цени на своите производи за 20 до 30 отсто и очекуваат недостиг на тоалетна хартија.
Хрватските портали јавуваат дека „Делта пејпер“ на 25 март ги покачила цените за околу 19 отсто, а од 1 април „Зева“ за 23 отсто.
Тие наведуваат дека производителот „Еуро Роса“ од 5 април ќе ги покачи своите производи за 24 до 29 отсто, а од 8 мај „Виолета“ за 15 до 20 отсто.
Скокаат цените на тоалетната хартија и другите производители
Од „Делта пејпер“ велат дека, како и нивните конкуренти, од август минатата година ги покачиле цените за речиси 45 проценти.
„Причина е поскапувањето на суровините – целулозата, чија просечна цена од 900 евра за тон е зголемена на 1.500 евра. Материјалите за пакување, особено картонските фолии и кутии, како и логистиката, значително поскапеа. Денеска логистичарите ставаат посебна ставка на фактурата за превоз на стоки како додаток поради цената на дизелот“, вели Крунослав Кишак, косопственик и директор на оваа компанија.
Тој објаснува дека таканареченото „целулозно готвење“ и самиот процес на добивање хартија од целулоза бара големо количество енергија и дека технологијата на мелниците за хартија се базира на енергија добиена од гас.
Кишак вели дека на почетокот на војната во Украина, зголемувањето на цените во одреден момент предизвикало прекин на производството на хартија во Германија, Италија, Шпанија и Романија, што го нарушило балансот на понудата и побарувачката.
Исто така, посочува Кишак, Русија и Белорусија имаа одреден удел во продажбата на пазарот на Европската унија, со суровини што моментално недостигаат.
„Претстојат недостатоци по уште повисоки цени“
Доколку не се стабилизира состојбата со цената на суровините и гасот и продолжат осцилациите, Кишак вели дека ќе има недостиг на тоалетна хартија и други слични производи, со уште повисоки цени за потрошувачите.
Друг хрватски производител на хартиена облека, Еуро Роса, исто така вели дека цените се зголемени поради војната во Украина, цените на суровините, енергијата, работната сила и транспортот.
И од Виолета потврдуваат дека се принудени да објават нова корекција на големопродажните цени, која ќе стапи на сила од 8 мај годинава.
Тие велат дека корекцијата најголемо влијание ќе има кај хартиената конфекција – тоалетната хартија и хартиените крпи, каде очекуваат поскапување меѓу 15 и 20 проценти.