ХПВ вакцинацијата бележи позитивен тренд во земјава, но сè уште е потребна поголема информираност кај родителите, особено кога станува збор за вакцинацијата на момчињата. Ова го истакна проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Грозданова посочи дека една од причините за отпорот кај дел од родителите е тоа што ХПВ инфекцијата се поврзува со сексуалната активност.
„Не можете вие мене да ми кажувате, моето дете уште спие со мене, има 12 години, зошто да го вакцинирам за сексуално пренослива болест?“, пренесе таа како типичен аргумент со кој се соочуваат здравствените работници.
Според неа, токму затоа е потребна дополнителна едукација за значењето на вакцинацијата во периодот пред изложување на вирусот.
ХПВ вакцината штити од повеќе видови карциноми
Грозданова нагласи дека ХПВ не е ризик само за женското здравје. Вирусот може да биде поврзан и со други видови карциноми кај мажите, а особено го посочи орофарингеалниот карцином.
„Имаме висок пораст на орофарингеалниот карцином“, рече таа, посочувајќи дека овие заболувања може потешко и подоцна да се откриваат во споредба со карциномот на грлото на матката, кој се следи преку гинеколошки прегледи.
Таа ја посочи Австралија како пример за земја во која повеќе од една деценија се спроведува вакцинација и кај момчињата и кај девојчињата, со висок опфат.
Според Грозданова, во Македонија и понатаму е значаен проблемот со карциномот на грлото на матката, поради што смета дека информирањето за превентивната улога на ХПВ вакцината треба да биде дел од пошироката здравствена едукација.
Расте опфатот со ХПВ вакцинација
Грозданова посочи дека ХПВ е една од вакцините кај кои во последните години се забележува пораст на интересот и опфатот.
„Навистина, многу едукација, многу советување“, рече таа, нагласувајќи дека подобрата информираност придонесува родителите и младите полесно да ги разберат придобивките од вакцинацијата.
Таа најави и можност за проширување на возрасната граница за ХПВ вакцинација, која во моментов е ограничена до одредена возраст.
„Ќе ја зголемиме возрасната граница за ХПВ“, најави Грозданова, додавајќи дека ова прашање е дел од понатамошните активности поврзани со унапредување на ХПВ имунизацијата.