Здравствениот систем мора да биде поблиску до родителите и да обезбедува точни и проверени информации за вакцинацијата, порача проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Грозданова посочи дека социјалните мрежи се еден од главните извори на информации за младата популација, поради што и здравствениот систем мора да биде присутен на платформите каде што граѓаните секојдневно се информираат.
Како пример за официјални дигитални извори таа ги посочи порталот e-zdravstvo.mk и апликацијата „Мое здравје“, каде што родителите можат да најдат информации за имунизацијата.
Преку апликацијата, како што објасни, може да се провери календарот за имунизација, информациите за конкретни вакцини, производителот и режимот на дозирање.
„Сите оние информации кои родителите најчесто ги гуглаат, тука некаде во таа маса од информации можат да се изгубат“, рече Грозданова, нагласувајќи дека на социјалните мрежи паралелно се шират и голем број неточни и дезинформативни содржини.
„Системот мора да биде транспарентен и цврсто поставен“
Според Грозданова, здравствената едукација денес не може да се сведува само на класични предавања, туку мора да се одвива и преку медиумите и социјалните мрежи.
Таа нагласи дека клучно е здравствениот систем да биде „многу транспарентен, многу цврсто поставен“ и да им овозможи на граѓаните лесен пристап до проверени информации.
Грозданова оцени дека земјава има современ календар на имунизација и дека вакцините што се користат поминуваат низ соодветни процедури за квалитет и безбедност.
Во однос на актуелниот случај со БСЖ вакцината, таа повтори дека производите и сериите се предмет на дополнителни проверки, нагласувајќи дека токму ваквите постапки се дел од одговорниот пристап кон безбедноста на имунизацијата.
„Најпоразително е кога родителите повеќе му веруваат на инфлуенсер отколку на доктор“
На прашањето дали се чувствува поразително кога младите родители повеќе им веруваат на инфлуенсерите отколку на лекарите, Грозданова одговори потврдно.
Таа нагласи дека особено е важна комуникацијата меѓу родителите и педијатрите, но и активната улога на здравствените работници во информирањето за вакцинацијата.
„Најпоразително е за нас што понекогаш немаме поддршка од здравствените работници“, рече Грозданова, посочувајќи дека дел од нив, според неа, не се доволно гласни кога станува збор за поддршка на вакцинацијата.
Како пример за последиците од промените во политиките и опфатот со вакцинација, таа ја посочи и состојбата со морбилите во САД, оценувајќи дека појавата на нови случаи покажува колку е важна одржливата заштита преку имунизација.
На крајот од гостувањето, Грозданова порача дека здравствената едукација треба да продолжи и на ниво на целото општество и на ниво на секој поединец.