Свет

Црвениот крст регистрира затвореници од Азовстал – Русија вели дека 1.730 се предале

Црвениот крст регистрира затвореници од Азовстал – Русија вели дека 1.730 се предале

Меѓународниот комитет на Црвениот крст објави дека регистрирал стотици украински воени заробеници, вклучително и ранети, од фабриката за челик Азовстал во Мариупол. Руското Министерство за одбрана објави дека до денес од фабриката за челик се предале 1.730 украински војници, вклучувајќи 80 ранети.

Меѓународниот Црвен крст соопшти дека регистрацијата на затворениците започнала во вторник, според договорот меѓу Украина и Русија и дека не превезува затвореници.

Процесот на регистрација вклучува собирање лични податоци, како што се име, датум на раѓање и најблиски роднини, за да може Црвениот крст да биде во контакт со семејствата на воените заробеници.

Црвениот крст не го наведе точниот број на затвореници од Азовстал, а руското Министерство за одбрана во четвртокот објави дека досега се предале 1.730 украински војници, од кои 80 се ранети.

Руското министерство наведува дека само во последните 24 часа од фабриката Азовстал се предале 771 војник, изјави портпаролот на тоа министерство Игор Конашенков. Тој додаде дека сите на кои им е потребно болничко лекување добиваат помош во медицинските установи на самопрогласената Доњецка Народна Република во Новоазовск и Доњецк.

На видео материјалите на руското Министерство за одбрана за предавањето на украинските војници се гледаат и жени во воени униформи.

Според одредбите на Женевската конвенција, на службениците на Црвениот крст треба да им се дозволи да разговараат со затворениците „без сведоци“ и нивните посети не треба да бидат „неоправдано ограничени“, соопшти МКЦК.

Меѓународната организација за заштита на човековите права, Амнести интернешенел (АИ), претходно најави дека на Црвениот крст треба итен пристап до заробените војници од Азовстал. Денис Кривошеев, заменик директор на АИ за Европа и Централна Азија, рече дека има наводи за егзекуции извршени од руската армија во Украина и дека затворениците од Азовставл „не смеат да ја доживеат истата судбина“.

Рускиот државен обвинител претходно побара од Врховниот суд да го определи баталјонот Азов, кој беше дел од гарнизонот Азовстал, како терористичка организација.

Челичарницата Азовстал беше последната линија на одбрана на украинските сили во Мариупол.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни