Туристичкиот центар „Попова Шапка“ кој е под надлежност на ЕЛЕМ турс, веќе неколку години е оставен во заборав без ниту една инвестиција. Заменик – директорот на ЕЛЕМ турс, Фатмир Лимани, вели дека ЕЛЕМ-ТУРС нема капацитет да инвестира, ниту пак може да ги обезбеди платите на своите работници.
„Согласно работната група која е формирана , излегува дека работата на ЕЛЕМ ТУРС е под знак прашалник, бидејќи не може да ги обезбеди своите плати, а да не зборуваме за инвестиции и други проекти. Ние, вработените во ЕЛЕМ турс во три наврати одвојувавме средства за покривање на платите. Во три наврати одвоивме околу 1,5 милион евра за да ги покриеме трошоците за платите. Во однос на проектите, односно жичарата со шест седишта, требаше како проект да биде завршен пред сезоната“, изјави Гатмир Лимани, заменик директор на ЕЛЕМ турс.
Од друга страна иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ најавува нови протести.
„Некому му одговара да се уништи Попова Шапка, некому му одговара ова место да биде таму каде што е денеска. Никакво огласување од Владата на нашите повици, освен заинтересираноста покажана од министерот за економија. Но, ние повторно им се обративме директно на премиерот и Владата – да дојдат заедно да ја посетат Попова Шапка и да ги видат критичните точки. Да донесат итна одлука и на ЕЛЕМ-ТУРС да ѝ се одземе правото за раководење со Попова Шапка. Следните денови најавуваме протести, блокирајќи го туристичкиот центар, сѐ додека не донесат конкретна одлука“, изјави Хамди Сулејмани од иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“
Во овој туристички центар посетителите се соочуваат со многу проблеми, почнувајќи од недостиг на паркинг, нефункционирањето на жичарата,собирањето на ѓубрето и многу други недостатоци.. Пред неколку недели иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“, одржаа и мировен протест, барајќи на компанијата ЕЛЕМ ТУРС, која управува со овој центар, да ѝ се укине тоа право и да се даде под концесија.
РЕПОРТЕР: АРМЕНД АБАЗИ