Генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу, за време на работна средба во Скопје изрази подготвеност да ѝ помогне на Македонија во, како што рече, важните процеси што ја чекаат. Меѓу другото, Брегу го спомна и договорот за меѓусебно признавање на научните титули и дипломите.
„Денеска ја започнавме втората рунда преговори за четирите професии, лекари, стоматолози, архитекти и инженери, што значи дека ова е една многу добра порака за граѓаните доколку се постигне договор, како и за студентите. Младите кои ќе завршат факултет и имаат диплома во Скопје, утре истата ќе им биде признаена и во Тирана или во некој друг град во регионот“, изјави Мајлинда Бергу од Регионален совет за соработка.
Вицепремиерот, пак, Бујар Османи рече дека Македонија ќе биде земја посветена на поддршка на Советот за постигнување на целите поврзани со регионалната соработка, кои се предуслов за регионалниот развој во Југоисточна Европа и земјите од Западен Балкан.
„Македонија станува единствена земја во регионот, која нема ниту едно отворено билатерално прашање со соседите и станува пример и за другите земји, како да ги затворат темите и историските разлики. Ова се важни предуслови за добра регионална интеграција, било во поврзување на пазарите за креирање подинамични инвестициони простори, во дигиталната агенда или пак во слободното циркулирање на луѓе и стока“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.
Брегу, за време на средбата ја нагласи и важноста на гласањето на уставните измени поврзани со прашањето со името во Собранието на Македонија, изразувајќи надеж дека процесот наскоро ќе заврши и кај грчката страна.
РЕПОРТЕР: ВАЛМИРА ЗЕНДЕЛИ