ВМРО-ДПМНЕ најавува иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците. Тие бараат Уставниот суд да донесе привремена одлука, со која ќе се запре употребата на јазиците се до донесувањето на конечната одлука за уставноста. Според нив, во текот на донесувањето на овој закон, на брутален начин е прекршен Уставот од страна на претседателот на Собранието и од парламентарното мнозинство, и велат дека и самиот закон е во спротивност со Уставот. Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека не е во ред македонскиот јазик да биде еднаков со било кој друг јазик што го зборуваат 20% на граѓаните на Македонија.
Пред неколку дена, Владата соопшти дека албанскиот јазик не е и не може да биде еднаков со македонскиот јазик. Бујар Османи од ДУИ, рече дека Законот за употреба на јазиците е во согласност со Уставот и со Рамковниот договор. Тој иницијативата на опозициската партија ја нарече обид за водење на дневни политики и рече дека тоа нема да има никаков ефект.
„ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги користи емоциите на граѓаните, имајќи предрасуди за спроведувањето на Законот за употреба на јазиците, се со цел да добијат политички поени. Ова прашање е регулирано со Устав од 2001 година, со Уставот кој произлегува од Рамковниот договор. Тоа што може да го нуди ВМРО-ДПМНЕ, е да биде дел од работните групи за имплементација на Законот за употреба на јазиците, бидејќи можно е да постои обврска и во нивната партија да се користи албанскиот јазик“, изјави Бујар Османи.
Од друга страна, власта се подготвува за спроведување на Законот за употреба на јазиците, при што следните денови се очекува и формирањето на Агенцијата за спроведување на јазиците. Власта не дава детали во врска со формирањето на оваа агенција.
РЕПОРТЕР: АРМЕНД ГАШИ