Свет

Бајден: Русија се обидува да го уништи идентитетот на Украина

Бајден: Русија се обидува да го уништи идентитетот на Украина

Американскиот претседател Џо Бајден денеска го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека се обидува да го уништи идентитетот на Украина со бомбардирање цивилни локации како што се училишта, болници, дневни центри и музеи.

Според Бајден, кој е во посета на Токио, Путин не сака да ја окупира Украина, но „може да се обиде да го уништи нејзиниот идентитет“. Според Бајден, рускиот претседател мора „да плати за своето варварство“ во Украина за да ги одврати другите лидери од тоа.

Бајден ова го изјави на заедничката прес-конференција со јапонскиот премиер Фумио Кишида.

Соединетите Американски Држави и Јапонија се согласија да работат заедно за да се справат со безбедносните предизвици, соопшти Белата куќа. Американскиот претседател Џо Бајден се состана со јапонскиот премиер Фумио Кишида во Токио за да „постигне напредок во соработката“ за голем број билатерални, регионални и глобални прашања.

„Претседателот ги пофали лидерските квалитети на премиерот Кишида, кои ги покажа со начинот на кој реагираше на војната на Русија против Украина и со неговата решеност да ги зајакне одбранбените способности на Јапонија. Тој (претседателот Бајден) истакна дека силната алијанса меѓу САД и Јапонија е камен-темелник на мирот и стабилноста во индо-пацифичкиот регион“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Двајцата лидери ветија дека ќе соработуваат тесно за да се справат со безбедносните предизвици, како што се програмите за балистички ракети на Северна Кореја и „сè поагресивното однесување на Кина, што е спротивно на меѓународното право“, соопшти Белата куќа.

Покрај тоа, САД и Јапонија се договорија да ја продлабочат соработката во области како што се новите технологии, безбедноста на синџирите на снабдување и чистата енергија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни