Од четврток ќе почне да функционира електронскиот паричник, преку кој граѓаните ќе можат да користат лична карта и возачка дозвола на мобилен телефон.
Министерот Стефан Андоновски уверува дека апликацијата е безбедна и дека податоците се заштитени. Според него, граѓаните ќе можат сами да изберат кои податоци ќе ги споделат при легитимирање, наместо да ги покажуваат сите информации од личниот документ.
„Сакате да се легитимирате во банка или пак во бар или во некој локал. Не морате да ги покажувате сите податоци од личната карта. Може да изберете кои сакате податоци да ги споделите на многу безбеден начин“, вели Андоновски.
Тој објаснува дека споделувањето на податоците ќе се врши преку еднократен QR-код. „Тие се споделуваат преку QR код кој што еднаш еднократно се издава. Тој се скенира, лицето ги добива податоците ако вие му дозволите. Потоа по 10-15 секунди се губи тој QR кодот, не може да се реплицира, така што многу внимававме на безбедност“, наведува министерот.
Дигитализацијата треба да помогне во борбата против корупцијата. Притоа, бизнис-заедницата ја отвора дилемата дали државата ги има мапирано најризичните точки каде што има највисоко ниво на корупција и дали институциите доволно ги поврзуваат своите системи за размена на податоци.
Институции како МВР, судовите, Управата за извршување санкции, финансиското разузнавање и Управата за јавни приходи веќе имаат одредено ниво на поврзаност, но останува потребата регистрите меѓусебно да комуницираат, односно „едниот регистар да го праша другиот регистар за податокот кој што му е потребен“.
Расте интересот на компаниите за дигитализација. Се оценува дека земјава има квалификуван кадар и институции, но дека процесот бара и поддршка преку европски проекти, обуки и пристап до финансирање.
„Ги повикувам сите оние заинтересирани компании кои што имаат идеја како можеме или имаат идентификувани проблеми во своето работење, а кои што можеме да им помогнеме да ни се обратат. Услугата ја добиваат бесплатно. Средствата се покриваат од Европската комисија и од Владата на Република Македонија. Тоа се средства во висина од два милиона евра“, вели Андоновски.
Прашањето за безбедноста на дигиталните системи останува отворено и по предупредувањето на Државниот завод за ревизија дека се загрозени податоците на илјадници осигуреници во ПИОМ. Министерот Андоновски, според МРТ, извештајот го оценил како алармантен, а владина работна група веќе подготвува план за заштита на податоците и зајакнување на безбедноста на системот.