Корупцијата е состојба на мозокот која може да продри длабоко во секоја пора на системот, да го разложи на ситни парчиња, да го доведе до степен на конформизам и да наруши едно цело етичко и морално функционирање. Медиумите не се исклучок од корупцијата, истата е присутна во седмата сила, но борбата за искоренување ни од далеку не наговестува отстранување на пирејот (корупцијата) кој пуштил длабоки корени и во медиумскиот свет.
Дека македонските медиуми се длабоко заглавени во коруптивни и лукративни релации со бизнисот и политиката зборува и Сашка Цветковска која долги години следи домашен и меѓународен организиран криминал и корупција и е eден од пионерите во истражувањата за медиумска сопственост и пропаганда во земјата како ко-основач на првата дата база за медумска сопственост Медиапедиа. Според Цветковска, резултатот од овие неприродни врски е креирање и дистрибуирање на неквалитетни информации, на лажни информации и на информации кои немаат ништо заедничко со она што е мисијата на новинарството / унапредување и штитење на јавниот интерес.
„ Во традиционалните медиуми, особено телевизиите, оние кои ги поседуваат медиумите го немаат медиумот како свој основен или примарен бизнис, туку имаат други поголеми и попрофитни бизниси, а медиумите им служат за постигнување на нивните други бизнис и лични цели. Пазарот на реклами го држат неколку поголеми компании чијашто единствена мисија да се рекламираат е да обезбедат заштита од медиумите, а во многу случаи, особено онлајн, и одбрана доколку друг медиум критички ги обработува нивните често нелегални пракси. Третиот проблем е партиските и државни интервенции во пазарот на медиуми кои со парите обезбедени преку закони за кои што партиите одлучуваат без јавна дебата, се корумпираат медиумите со цел да служат на тесно партиски цели. Корупцијата во медиумите има далекусежни последици: уништување на пазарот на медиуми како единствен гарант за конкуренцијата која, пак, единствено може да обезбеди квалитет, уништување на пазарот на труд во медиумите чии што работници се сведени на социјални случаи и оттука, денеска имаме огромен недостаток на кадар и на млади заинтересирани да го работат ова. Најголемиот ефект е лишување на граѓаните од информации кои ќе им помогнат да донесат исправни одлуки за својот живот и животот на своите блиски.” – вели, Сашка Цветковска, главна и одговорна уредничка во Истражувачката репортерска лабараторија ( ИРЛ).
Токму од слободата на меидумите зависи дали едно општество е демократско. Според комуникологот, Бојан Кордалов, слободата во медиумска значи саморегулација од страна на медиумите. Секој друг обид за мешање во работата на медиумите, било да е тоа од властите, партиите, од економските субјекти или слично, директно навлегува во самостојноста на медиумите, медиумските работници, а со тоа веќе не може да се зборува за слобода на медиумите или, пак, за слободна држава.
„ Сметам дека властите и партиите се целосно несвесни за важноста од слободата на медиумите и сиве децении наназад наместо соработка и партнерство, покажуваат директни обиди и дејства за различни притисоци врз медиумите и медиумските работници и работнички. За жал, политичарите не разбираат дека е повеќе потребно, па ако сакате дури и полесно и подобро, да се градат професионални односи со медиумите, да се информираат за сите случувања, но истовремено и неселективно и брзо да се дава одговор на сите поставени прашања. Од друга страна компаниите и маркетинг агенциите мора да внимаваат да не се ни обидуваат да ги стават медиумските работници во улога на промотори и презентери на комерцијални производи, услуги или слично, туку комерцијалниот јасно да го декларираат и стават настрана од јавниот интерес.” – вели комуникологот, Бојан Кордалов.
Корупцијата во медиумскиот бизнис постоела отсекогаш и таа се манифестирала на различни начини. Според првиот човек на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, манифестирањата на корупцијата во медиумите најчесто е преку платените владини кампањи во минатото, или сега преку плаќањето на платените политички реклами со државни пари.
„ Наша задача како новинарска заедница е да се спротивставиме на корупцијата во медиумите и да ги намалиме можностите за корупција. Не смее да се дозволи државните пари да се претворат во инструмент за засилување на спрегата меѓу политиката и бизнисот и тоа на штета на новинарството. Од таму, велиме дека треба да се остави на пазарната логика да одлучува за тоа како медиумите се однесуваат, но паралелно со заштита на јавниот интерес, бидејќи да не заборавиме основната улога на медиумите е да го штитат јавниот интерес. Затоа ние инсистираме на создавање на независен национален фонд за медиумски проекти, за засилување на квалитетот во новинарството, во медиумите, тоа ќе ја врати публиката и ќе овозможи фер натревар за гледачи, но со квалитет, а не со шунд програма.” – вели Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.
Корупцијата во медиумите може да има повеќе „лица”. Според в.д. Претседателот на ССНМ, Павле Беловски, најпознат пример за корумпирање на медиумите во земјава, за кој како Синдикат може да посведочи, се плаќање на државните „реклами” односно јавни кампањи во медиумите, што создадоа тешки услови за функционирање на професионалното и независно новинарсто, но и се воведе најсилната самоцензура меѓу новинарите, со оглед што преку приливот на буџетски пари во медиумите се корумпираа медиумите и политички се влијаеше врз нивната уредувачка политика, што доведе до замолчување на критичките текстови кон власта и кон владеачките партии во медиумите кои уживаа прилив на средства од државните рекалми.
„ Тоа истовремено го потресе и медиумскиот пазар на трудот, со оглед дека во тој новинарите лесно губеа работа поради изразена критика кон власта дури и на социјалните мрежи или за одбивање да се потпишат на нарачан текст во полза на власта. Медиумскиот простор и денес се уште ги чуствуваме последиците од тоа. Но власта и политичките партии не се единствените кои имаат интерес да ги корумпираат медиумите. Интерес да ги стават медиумите на своја страна имаат и бизнис заедницата, компаниите, но и други интересни групи. Тоа пак покажува дека корупцијата е горливо прашање кое тешко се искоренува, особено на мал медиумски пазар, како што е македонскиот. Но, на крајот од денот ова е прашање и на интегритет и на самите медиуми, односно нивнаата сопственичка структура, но и на менаџерскиот и уредувачкиот кадар во нив, кои треба да бидат свесни дека новинарството, односно медиумите не се обични компании, туку се компании со исклучителна дејност многу важна за создавање на здрави демократски општества, на кои главна водилка треба да им биде јавниот интерес. Медиумите како компании имаат општествена одговорност да работата само во полза на вистината, слободни од какви било влијанија.” – вели в.д. Претседателот на ССНМ, Павле Беловски.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата велат дека медиумите се значајно орудие во политичката борба во демократските општества и нивната улога е од огромна важност во креирањето на јавното мислење како и во следењето на транспаретноста и отчетноста во работата на сите државни органи и институции. Независните медиуми и нивната критичка улога е од особена важност за воспоставување на транспарентни јавни институции и воопшто за владеењето на правото. Оттаму, Државната комисија за спречување на корупцијата смета дека сите чинители во општеството, односно државните органи, граѓанските организации како и самите медиуми и новинарите треба да придонесат за спречување на евентуална корупцијата во медиумите, а со цел изградба на независни медиуми ослободени од политички влијанија.
„ Во Националната стратегија за борба против корупција е потенцирано дека во функција на унапредување на состојбите во сферата на медиумите и спречување на злоупотреби на медиумите во политички цели, потребно е воведување на зајакнат надзор и укинување на платеното политичко рекламирање на партиите во изборните циклуси. Друг проблем во овој сектор е отсуство на (само)регулација на онлајн медиумите што треба да се воспостави, а воедно и да се надгради регистарот на професионални медиуми.Како проблем е воочена и недоволната транспарентност на институциите од јавниот сектор за соработката со медиуми, интернет портали, маркетинг агенции и медиумски работници. Со цел надминување на детектираните проблемите во сферата на медиумите во Националната стратегија се предложени мерки и активности за надминување на истите.” – велат од ДКСК.
Во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 година, која што е изготвена врз основа на проценка на ризиците од корупција, се дијагностицирани и селектирани приоритетните проблеми кои генерираат висок ризик од корупција и се идентификувани мерки за нивно надминување. Проблемите и мерките кои стратегија ги предвидува се систематизирани во неколку области и сектори, меѓу кои е и секторот „Медиуми и граѓанско општество”.
Од Синдикатот на новинари и медиумски работници посочуваат дека корупцијата од секој вид во Република Македонија е првенствено на штета на сите работниците, а со тоа влијае негативно и на целото општество.Во овој момент, тешко е да се дискутира за корупцијата на медиумите од секаков тип, бидејќи бројот на истражувања кои се правени е премногу мал. Да не заборавиме дека живееме во хипер дигитализиран свет во кој владеат дезинформациите од домашни и странски актери.
Квалитетното, навремено и етичко известување за корупцијата во највисоките кругови на власта е врвен јавен интерес а за тоа медиумите треба да водат доследна борба, но не и да се прилагодуваат на корупцијата.
Еснафските новинарски и медиумски организации укажуваат дека оваа пракса на откупување на простор во медиумите од страна на јавните установи во медиумите за кампањи може да ја поткопа независноста во медиумите и да го загрози правото на слобода на изразување.