Иако првото полугодие од 2026 година го заврши со позитивен финансиски резултат, раководството на „Прилепска Пиварница“ АД предупредува на сериозни предизвици во втората половина од годината. Слабата продажба во шпицот на летната сезона и континуираниот раст на цените на суровините ги топат очекувањата за поголем финансиски скок, покажува најновиот извештај доставен до Македонската берза.
Според неревидираниот биланс, пиварницата во првите шест месеци остварила добивка пред оданочување од 89,3 милиони денари. Сепак, забележан е пад на вкупните приходи од 3%, кои изнесуваат околу 1,06 милијарди денари во однос на истиот период лани.
Позитивниот резултат е одржан исклучиво благодарение на агресивното намалување на вкупните расходи за 7% (сведени на 977 милиони денари), пред сѐ преку штедење на суровини и материјали. Позитивна вест е што компанијата и понатаму работи без ниту еден денар кредитна задолженост кон банките, финансирајќи се од сопствени средства.
Покрај падот на приходите, разочарување за инвеститорите донесе и одлуката на Годишното собрание да не се распределува добивката остварена во текот на 2025 година.
Од друга страна, инвестицискиот циклус не е стопиран. Во првата половина од годинава, реализирани се вложувања од речиси 47 милиони денари во модернизација на постројки, недвижности и опрема.
Менаџментот на пиварницата отворено признава дека неповолните движења во продажбата за време на летните месеци ќе остават белег на годишниот биланс.
Прогнозите се дека тешко ќе се оствари раст на приходите, а притисокот од континуираното зголемување на трошоците ќе оневозможи остварување на повисока добивка од минатата година. Како одговор на овие трендови, фокусот на компанијата останува на строга оптимизација на трошоците и зголемување на производствената ефикасност за да се амортизира ценовниот шок од инпутите.