Македонија

Двајца службеници на ОЈО во Албанија, утре снимки за бегството на Груевски – на распит биле 20 лица

Јавното Обвинителство продолжува со предистражната постапка за бегството на Никола Груевски. Без да каже детали, јавниот обвинител, Лубомир Јовески, за ТВ21, изјави дека досега успеале да соберат неколку податоци, но се уште ги чекаат видео снимките од безбедносните камери на граничниот премин меѓу Македонија и Албанија.

Досега за бегството на Груевски се сослушани 20 сведоци, а се очекува да се повикаат на распит уште 4 лица. На прашањето дали постојат индиции дека некое службено лице му помогнало на Груевски при бегството, Јовески рече дека во предистражна фаза, деликатно е да се зборува за тоа. Додека не заврши истрагата, Обвинителството нема да даде детали.

Овие детали ги чека и Владата, од каде изјавија дека само по извештајот на Обвинителството, ќе се знае кој ќе носи одговорност за бегството на поранешниот премиер.

Пред бегството на Груевски, на правдата на Македонија и избегаа Горан Грујовски и Никола Бошковски. Пред некое време избега и Никола Војминовски, осуден со 13 години казна затвор поради насилството врз пратеникот, Зијадин Сеља, на 27 април. Дали ова произлегува од злоупотребата на судството и мерките за претпазливост кон осомничените?

Во однос на амнестијата донесена за дел од учесниците во настаните од 27 април, обвинителот Јовески вели дека го спровеле она што било предвидено со усвоениот закон во Собранието. Да зависеше од Јовески, Законот за амнестија не би бил донесен, но сепак истиот не го смета за мешање на политиката во правосудството.

Јовески вели дека е во комуникација со политичари и претставници на Владата, но само за обезбедување на условите за функционирање на Обвинителството, а не за тие да влијаат врз одлуките и дејствијата на обвинителството во конкретни предмети.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни