Патријархот на Српската православна црква Порфириј вчера во Соборниот храм во Белград му го врачи томосот на архиепископот охридски и македонски Стефан за признавање на автокефалноста на Охридска архиепископија, јавуваат Танјуг и РТС.
Порфириј пред врачувањето на томосот истакнал дека се создадени услови Охридската архиепископија да биде самостојна црква.
Во беседата српскиот патријарх препорачал МПЦ сега да најде соодветно име, пренесува РТС.
Поглаварот на СПЦ, исто така, рекол дека чинот на признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА не ја дели црквата, туку дека така таа расте заедно во љубов и хармонија.
Српскиот патријарх истакнал и дека е многу среќен затоа што и Србите и Македонците во Северна Македонија се среќни за автокефалноста на Македонската православна црква.
Исто така, патријархот Порфириј порачал дека црквата не може да биде оружје и дека не е оружје за постигнување други цели.
Порфирие нагласил и дека оваа одлука нема да влијае на другите канонски области на СПЦ, бидејќи, како што рече, условите во Северна Македонија се различни отколку во другите делови на СПЦ.