Директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Милена Стевановиќ и директорката на Клиниката за детски болести Катарина Ставриќ, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која информираа дека за едно деноноќие на Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се 2 нови случаи со морбили (мали сипаници).
Во моментов, на клиниката има вкупно 20 пациенти со потешка клиничка слика предизвикана од ова заболување. Засега, има само едно дете кое беше со полоша клиничка слика, но според најновите информации од утринава неговата состојба е стабилизирана.
„Од вчера имаме 2 нови случаи на заболени деца од морбили на Клиниката за детски болести, од хемато-онколошкото одделение. Нивната состојба е стабилна и под контрола. Претходно имавме едно дете, кое е пуштено на домашно лекување и е здраво. Во текот на ноќта нивната состојба будно беше следена од лекарскиот тим и сите деца се соодветно третирани“, изјави директорката на Клиниката, Катарина Ставриќ. Мерките за спречување на ширење на болеста во рамките на Клиниката континуирано се преземаат.