Македонија

Предвремени парламентарни избори да или не? ВМРО-ДПМНЕ зборува, а на крај ќе остане дома, вели Шекеринска

Во владејачката СДСМ едни мислат дека треба да има предвремени парламентарни избори, а други се против. Токму поради тоа на состанокот на Централниот одбор една од точките по кои ќе се дебатира е барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори. Потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска и министерка за одбрана, во гостувањето во емисијата Клик Плус изјави дека како партија мора да внимаваат и на цензусот за претседателските избори, бидејќи како што вели, можно е да се случи опозицијата да бојкотира.

„Многу аргументи за и против. Факт е дека кај претседателските избори мораме да водиме сметка и за прашањето за цензусот. Но, овие топло ладно изјави кај ВМРО-ДПМНЕ мене ми кажуваат дека тие се подготвуваат на реприза од референдумскиот период. Ќе зборуваат, ќе зборуваат и на крај ќе останат дома. И не само што ќе останат дома, туку ќе прават притисок на своите да останат дома“, рече Шекеринска во синоќешното издание на „Click Plus“ на ТВ21.

Но, од друга страна, координаторот на пратеничката група на опозициската партија Никола Мицевски вели дека во оваа фаза ВМРО-ДПМНЕ не размислува за бојкот. Чекаат СДСМ да излезе со официјален став за нивното барање за предвремени избори, а потоа ќе одлучат што конкретно ќе преземат.

Според најавите претседателските избори, собранискиот спикер ќе ги распише на 8 февруари, а првиот круг би требало да се одржи на 21 април. Во случај на договор за предвремени избори, Собранието треба да се самораспушти. Во таков случај, изборите треба да се одржат во рок од 60 дена од распуштањето на законодавниот дом.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни