Македонија

Анѓушев: Во 2018 година поддржани се рекорден број на 250 компании, преку средства од буџетот

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, денеска во Велес истакна дека 2019 ќе биде економска година, а тоа е базирано на реален оптимизам кој се потпира на квалитетни економски проекти.

Вицепремиерот рече позитивни стапки за економски развој се можни, бидејќи за економски развој потребна е стабилност на државата, која со надминувањето на проблемот кој го имавме со Грција и пристапувањето кон НАТО е обезбедена, како и со мерките кои Владата ги усвои за финансиска поддршка на компаниите.

„По вчерашното гласање за договорот помеѓу Македонија и Грција во Грчкиот Парламент кое заврши со ратификација на договорот, четири реномирани компании потврдиле дека ќе реализираат свои инвестиции во Македонија. За уште подобра бизнис клима и повисок економски развој потребно е и повисоко ниво на владеење на правото, за што не треба да се чека, туку да се земат работите во сопствени раце и со голема посветеност да се завршат потребните реформи.

За повисоки стапки на економскиот раст мора да се работи на развојот на индустријата. Владата обезбеди поддршка за македонските компании со кои се поттикнува конкурентноста на македонските компании, за технолошки развој, повисока продуктивност и со тоа повисок извоз. Во 2018 година поддржани се рекорден број, околу 250 компании, преку средства од буџетот. Во 2019 година во буџетот се обезбедени 36% повеќе средства во Програмата за економски развој. Владата со овие средства директно им помага на компаниите за набавка на нови машини и за знаења како да се употребуваат новите технологии, додека организацијата останува на менаџментот на компаниите“, рече Анѓушев.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни