Македонија

Попис на населението, етничката графа ги подели партиите – СДСМ против, ДУИ неодлучна

Сите политички партии во Македонија, освен СДСМ се против попис на население без етничка графа. Албанските партии стојат на ставот дека пописот без етничка определба нема да биде целосен, потпирајќи се на, како што велат, фактот дека правата на Албанците во земјата се зависни од бројки. Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, вели дека при пописот не треба да се прави етничка поделба, туку треба да се утврди точната бројка на населението кое живее во Македонија, бидејќи како што тврди – Македонија лека-полека се празни.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ етничката определба е многу важна.

Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, вели дека тие како политичка партија ќе се спротивстават на пописот на население, доколку истиот не содржи етничка и верска графа. Според него, слободното искажување на националната и верската припадност е согласно универзалните човекови права.

„Никако. Се противиме на идејата пописот да се прави без граѓаните да ја искажат нивната  етничка и верска припадност. Не можеш да бараш попис без етничка графа, а истовремено да бидеш подготвен да седнеш и да ги решиш меѓуетничките проблеми во земјата.  Попис кој нема да содржи етничка определба, всушност се коси и со Охридскиот рамковен договор, кој е спроведен во Уставот, а се коси и со самиот Устав во минимум два елементи. Владата од една страна не ја прифаќа идејата во Уставот да нема дефиниции со проценти за јазикот, што е привремено право, а од друга страна пак, сака да се откаже од етничката графа“, изјави Зијадин Села, лидер на Алијанса за Албанците.

И од Движењето Беса со став дека на државата и на институциите им се потребни точни статистики околу етничкиот состав.

„Попис треба да има и на етничка основа, бидејќи ние самите ги вметнавме овие етнички елементи во Уставот за остварување на одредени права. Тие треба да се остварат согласно стандардите кои ги имаме тука. Не треба да правиме кампања дека оваа заедница е толку, а онаа заедница е онолку проценти, бидејќи само преку вистински попис со бројки и етнички состав ќе се покаже, така како што секогаш било во Македонија“, изјави Фадиљ Зендели, пратеник на Движње Беса.

Беса на Гаши со ист став.

„Движењето Беса е заинтересирана што поскоро да се спроведе попис на население, освен од политички, и од статистички, демографски и економски причини. Во секоја дебата сме биле „за“ и се залагаме овој процес да биде успешен. Заинтересирани сме пописот на население да ја изнесе точната бројка на Албанците и другите етнички заедници, бидејќи правата на Албанците и на другите заедници зависат од етничката определба“, изјави Орхан Муртезани од Движење Беса.

И покрај нашите обиди, не успеавме да добиеме одговор од владејачката ДУИ. Пред околу еден месец, лидерот на партијата, Али Ахмети, во интервју за Радио слободна Европа, изјави дека за неговата партија не претставува никаков проблем дали ќе се внесе или не етничката графа во пописот на население во 2020 година. Според него, најважно е да се изготви закон прифатлив за сите страни.

РЕПОРТЕР: МЕВЉУДИН ИМЕРИ

 

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни