Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев од собраниската говорница побара да се повлече, како што рече, срамниот закон, со кој се предвидува зголемување на платите на вицепремиерите Радмила Шеќеринска, Кочо Анѓушев, Оливер Спасовски, Хазби Лаика и на Бујар Османи. Власта не се грижи за граѓаните и затоа барам да се повлече законот со кој ќе се зголемат платите на вицепремиерите за околу 8 илјади денари, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев.
„Имаме навистина еден апсурд кој што народот и граѓаните не го прифаќаат, а тоа е дека, малку им се на вицепремиерите, пет на број, плати од 70 илјади денари и сега истите тие вицепремиери од Владата на Зоран Заев велат да им се зголемат платите за дополнителни 8 илјади денари. Тоа е негрижа за јавните финансии, тоа е немање на чувство и сенс за тоа како живее народот и како живеат граѓаните“, изјави Влатко Ѓорчев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Уште во декември минатата година од Владата информираа дека нема да има зголемување на платите на вицепремиерите. Денеска тоа го потврди и пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов.
„Го одбивме барањето за повлекување од дневен ред на точката поврзана со платите на вицепремиерите од причина што ставот на пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз со коалицијата е дека поддржување на дополнителни бенефиции за вицепремиери нема да има. Значи ќе гласаме против оваа точка. Тоа ќе го докажеме и со самото гласање кога точката ќе дојде на дневен ред.“, изјави Костадин Костадинов, потрпарол на СДСМ.
Ѓорчев побара Владата да се откаже и од намерата за именување на заменици директори на одделни државни институции, кои како што рече, ќе се плаќаат од грбот на народот. За ова барање Костадинов одговори, дека ова прашање се уште се разгледува.
РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА