Македонија

За власта новиот предлог ги содржи сите барања и забелешки – опозицијата излегува на протест

За власта новиот предлог ги содржи сите барања и забелешки – опозицијата излегува на протест

Владата вчера почна широки консултации за францускиот предлог за деблокирање на евроинтеграциите на земјава, најпрво со коалициските партнери.

Веднаш по средбата со лидерите на партиите од владината коалиција, Францускиот предлог беше објавен и на веб-сајтот на Владата.

Според власта овој предлог е солидна основа за градење став и во него се инкорпорирани сите наши барања и забелешки.

Спротивно на тоа, опозицијата смета дека предлогот ги содржи сите бугарски барања и се приклучи на иницијативата за протест кој ќе се одржи вечер во 19 часот на платото пред Владата.

Во текот на вчерашниот ден, покрај средбата со коалицијата, Владата одржа консултации и разговори со експертската и стручната јавност, како и медиумите.

Премиерот Димитар Ковачевски нагласи дека пред нас имаме европски предлог за деблокада на нашите евроинтеграции и, како што порача, од нас зависи каква одлука ќе донесеме за иднината на нашите деца и за европеизација на државата.

Според него, новиот модификуван предлог сега веќе не е само француски, туку е и европски предлог, во кој се вклучени сите наши барања и забелешки што беа изложени на претходната верзија на предложениот текст.

Тој додаде дека му е драго што на Самитот ЕУ – Западен Балкан минатата недела не го прифативме првичниот предложен текст и покажавме што точно бараме и што сакаме.

– Сега имаме предлог што ги вклучува сите наши барања, додаде премиерот, најавувајќи дека Владата пред да го даде конечниот одговор дали ќе го прифати предлогот, ќе спроведе консултации со сите институции во државата, претседателот на Републиката, Собранието, политичките партии, невладиниот сектор и стручната јавност.

Иако, Владата може сама да донесе одлука по однос на предлогот, сепак ќе биде побарано мислење и од Собранието, кое самото треба да реши дали тоа ќе го стори на пленарна седница или за документот ќе се произнесат надлежните собраниски комисии.

Земјава нема временски рок до кога треба да даде одговор и од нас зависи дали ќе го почнеме нашиот пат за неколку дена или недели или ќе одолговлекуваме.

 

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни