По протестите на пазарџиите, примената на новиот закон зелените пазари најверојатно ќе биде одложена за една година. Од страна на парламентарното мнозинство во Собранието е поднесена иницијатива со која се бара пролонгирање на неговата примена. Новиот закон кој меѓу другото предвидуваше обврска да се плаќа лиценца од 60 евра , предизвика голем револт кај пазарџиите. Пратеникот од ДУИ Ејуп Алими образложувајќи ја одлуката рече дека со ова се дава повеќе простор на пазарџиите и Владата да се усогласат. Според него од досега одржаните средби со трговците во зелените пазари е увидено дека е потребно да се одложи овој закон се додека не бидат подготвени трговците.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека парламентарното мнозинство нема слух да ги реши нивните проблеми, туку само ги одложува. Овој штетен закон треба да се укине а на да се одложи вели Љупчо Димов од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со штетниот закон на СДСМ се воведуваат казни од 1500 до 2000 евра и се бркаат пензионерите и хонорарците од зелените пазари. Законот кој го донесе СДСМ директно ќе удри на најмалку 20 илјади граѓани кои егзистираат продавајќи на зелените пазари“, изјави Љупчо Димов од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ велат дека преку консултации со пазарџиите ќе се дојде до заедничко решение кое е прифатливо за сите. Институциите, продавачите и организаторите на пазарите неопходно е на заедничка маса да дискутираат како да се подобри организацијата на работата на пазарите и да се дојде до решение со коке ќе бидат заштитени сите засегнати страни, рече Костадин Ацевски од СДСМ.
„Време е конечно овој проблем да се реши. Мислиме дека со одложување од една година имаме доволно простор сите засегнати страни да седнат на заедничка маса и да се најде вистинско решение кое ќе значи сузбивање на сивата економија и заштита на интересите на сите“, изјави Костадин Ацевски од СДСМ.
Измените предвидуваат за три месеци да се одложи донесувањето на подзаконските акти, а регистрацијата да започне да се применува од 1 јануари идната година.
РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА