Македонија

Ковачевски: Водиме политика и за преговори за влез во ЕУ и за заштита на нашето достоинство, идентитет, јазик и историја

Ковачевски: Водиме политика и за преговори за влез во ЕУ и за заштита на нашето достоинство, идентитет, јазик и историја

Премиерот Димитар Ковачевски денеска се обрати пред пратениците во Собранието по повод 81-та пленарна седница, на која пратениците расправаат за Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година, по што ќе треба и да бидат усвоени заклучоци, односно насоките што ќе и бидат испорачани на Владата.

„Причината зошто денес дебатираме е единствениот предлог на Европската Комисија, доставен на крајот на француското претседателство, за дефинирање на почетокот на преговори со Европската Унија. Затоа на почетокот сакам, јасно и прецизно да потенцирам неколку факти. Прво, точно е дека пред самитот на ЕУ во Брисел, добивме сет на идеи, а не официјален и формален предлог. За мене, за Владата и коалиционите партнери, за Претседателот на државата и убеден сум за сите граѓани на државата, тој концепт не беше прифатлив. И затоа, таму каде што треба, не под маса, не во ходник, не тивко, туку пред сите 27 лидери на членките на Унијата и пред целата европска јавност, кажав гласно, прецизно и јасно НЕ. Кажав НЕ, затоа што тој сет на идеи не беше во согласност со нашите консензуално дефинирани државни позиции потврдени тука во Собранието, со посебната Резолуција за црвените линии. Кажав НЕ, затоа што тој сет на идеи не го гарантираше статусот на македонскиот јазик во преговорите. Кажав НЕ, затоа што тој сет на идеи не дефинираше јасен почеток на преговори и упатуваше на промена на Уставот и затварање на билатералните прашања со источниот сосед, како предуслови“, вели Ковачевски.

Тој додава дека кажал кратко и јасно НЕ, затоа што таа основа не беше добра за македонската држава.

„И покажавме како се бранат државните и националните интереси. И многу важно, ние тука не застанавме. Не се предадовме. Не одлучивме да глумиме лажни патриоти. Напротив, продолживме да бараме решение кое ќе ги задоволи државните, но и националните интереси на македонскиот народ. На истите црвени линии, но и на истата обврска да започнеме преговори. Ние не прифаќаме и не водиме политика на „или или“. Ние водиме политика и за преговори за влез во ЕУ и за заштита на нашето достоинство, идентитет, јазик и историја. Како резултат на тоа, и како резултат на поддршката на бројните европски пријатели, а верувајте ги има многу, успеавме да добиеме единствен, формален, заокружен, заеднички предлог на Европската Унија. На сите држави членки“, посочи Ковачевски.

Тој додаде дека европскиот предлог на вистински начин ги отсликува нашите дефинирани позиции.

„Прво, јасно го прецизира македонскиот јазик како единствен, признат и прифатен јазик за Европската Унија. Тоа е тоа што го баравме. Нашата национална ДНК, македонскиот јазик, да биде службен и единствено официјален јазик. Да, со европскиот предлог, целиот процес на нашите преговори, сите милиони страници во годините што следат, заклучно со Актот за полноправно членство, ќе бидат напишани на македонски јазик. На македонски јазик ќе се зборува официјално и во Брисел и во сите европски престолнини. Тоа е најголемото достигнување, најважниот успех. Второ, сите билатерални прашања со источниот сосед, но и било кои други билатерални прашања со било која друга држава, особено соседна, не се дел од Преговорачката рамка со Брисел. Токму таа Преговарачка Рамка е Уставот на нашето интегрирање во ЕУ. И најважно од се, таа е ослободена, прочистена, од ваков тип на прашања. И тоа е уште една голема работа. И трето, со европскиот предлог, се дефинира одржување на првата Меѓувладина конференција веднаш. Сега и во Брисел. Ние добиваме конечно, по 17 години чекање, и многу најави, и многу разочарувања по нив, официјален почеток на преговорите со средба на целата Влада со Европската Комисија. Со сите нишани и стандарди“, вели Ковачевски.

Тој додава дека тоа е единствената вистина во оваа олуја на манипулации, шпекулации, лажни вести и намерни и ненамерни штети и креирање криза и дестабилизација на државата.

„На ваков предлог, кој целосно ги отсликува нашите државни интереси и црвени линии, јас, Владата и Претседателот на државата, кажав и кажавме ДА. И ја доставивме на увид целата Преговорачка рамка. За да биде се отворено и на увид на целата јавност. Ништо сокриено, ништо тајно. Напротив, и како личност и сега како политичар, секогаш сум кажеш отворено, честопати и премногу отворено и искрено. Но, така е најдобро. Да знаеш кога и зошто да кажеш НЕ, и да знаеш кога и зошто да кажеш ДА. Кажав ДА, затоа што мислам дека овој единствен, европски предлог е најдобро можно решение во моментов, но и во следниот период. Предлог кој ги задржува црвените линии и во исто време дава конечно почеток на преговори. Многу се прашуваат со право, дали можеше да биде подобар? За секоја работа во животот, може подобро. Но, во исто време, треба да се прашаме дали можеше да биде и полош? Повторно, одговорот е ист. И сите други работи, може да бидат или да тргнат на полошо. Но, јас не сакам да зборам за полошите работи, како што тоа го посакуваат некои надворешни и внатрешни политички и радикални центри. Верувам дека треба да ги најдеме подобрите работи и уште посилно да ги зацврстиме, како што предлогот тоа го овозможува за нашите темели, македонскиот јазик, посебниот и цврст историски, културен и национален идентитет“, посочи Ковачевски.

Според него, барале и добиле најдобро можно решение.

„Еве веќе повеќе од 30 години, опстојуваме како независна и суверена држава. Граѓаните се уморни од политикантите кои цели 30 години најавуваат апокалипса, поделба и распад на државата, уморни се со право од секојдневните политикантски пророци кои ја закопуваат македонската држава, македонската историја, јазик и култура. Имавме и досега тешки, но нужни одлуки. И кога го донесовме Рамковниот Договор, и кога се носеше Преспанскиот Договор. Но, државата опстоја и не пропадна. Државата не се подели, напротив влезе во НАТО и денес имаме, во услови на војна и тотална криза, лична и колективна безбедност. И никој не успеал да го асимилира македонскиот или било кој друг народ во државата и во потешки времиња од сегашното. Векови се обидувале разни страни тоа да го направат. Не успеале тогаш, не успеале денес, нема да успеат ни утре. Бидејќи најдобра одбрана за идентитетот е токму прогресот на државата, движењето напред и конечна европеизација на државата. Нема да дозволиме, како во време на режимот, државата да се претвори во изолирана, затворена и криминална енклава, во која политичката елита безмислосно краде и разграбува, а граѓаните бараат туѓи пасоши и работа во странство“, порача Ковачевски.

Тој вели дека ова е последна борба помеѓу деструкцијата и песимизмот и отвореноста и оптимизмот.

Како што вели Ковачевски, државата се гради секој ден, идентитетот и посебноста се почитува за навек, но се бранат секој ден.

„Пред се дома, но и надвор. Тоа најдобро се прави кога сте дел од прогресот, од развојот, од модерното и напредното. Нема да дозволиме, како во минатото, државата и граѓаните да живеат во постојана неизвесност, немир и дилеми што ќе биде утре. Нема да дозволиме државата да остане на опашката на Балканот, кога сите се движат напред, и покрај нивните проблеми од различен карактер. Нема да дозволиме, идентитетските прашања да се користат како муниција во борбата за фотељи, тендери, ослободување на криминален имот и лица и држење во заложништво на цели родени и неродени генерации. Цврсто ќе стоиме на патот на заштита на македонскиот јазик, посебниот историски и културен идентитет на македонскиот народ преку негова рамноправност со европските народи. Цврсто ќе стоиме на патот на градење на државата како европските, со вредностите за почитување на правото, правната држава, еднаквоста, рамноправноста и развиената економија и животен стандард. И тоа го правиме и ќе го правиме со помош на овој предлог и наш влез во Европската Унија“, порача Ковачевски.

Инаку, целиот говор на премиерот беше исвиркан од страна на опозициските пратеници.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни