Општина Делчево апелира граѓаните да бидат крајно внимателни при евентуален престој на отворен простор, со цел да се избегне опасноста од повторување на пожарите од минатата година. Апелот доаѓа по вчерашниот пожар кој зафати дел од атарот на делчевските села Тработивиште и Разловци, во кој опожарена е сува трева заедно со борова и дабова шума на површина од 40 хектари.
-Овој прв посериозен пожар годинава, повторно го вклучи алармот и кај сите надлежни институции, но и кај граѓаните и го потенцира прашањето за човечката одговорност за заштита од пожари на шумското богатство. Во таа смисла, а имајќи ги предвид актуелната временска состојба, високите температури и бујната вегетација, Општина Делчево апелира до граѓаните да бидат крајно внимателни при евентуален престој на отворен простор, истакна во апелот од Општината, портпаролката Даниела Такева.
Посочи дека се уште е на сила и делумната забрана за движење и престој во шумите во период од 06 часот до 20 часот и апелираше до граѓаните до колку забележат евентуална нова појава на пожар веднаш да пријават на бесплатните телефонски броеви 193, 192 или на 112.
Целта на апелот како што дополни таа, е да не се дозволи да се повторат минатогодишните апокалиптични пожари кои беснееја на планината Средна.
-Во минатогодишните пожари во периодот од 02.08 – 10.08.2021 година, согласно податоците на ЈП Национални шуми „Голак“ Делчево беше опожарена површина од 2.287 хектари. Пожарите беа од катастрофални размери со изгорена 230.987 м3 дрвна маса и вкупно причинета материјална штета на шумите во висина од 529.073.832 денари, дополни Такева.
Вчерашниот пожар на планината Средна кој се случи на потегот од месноста Светите Води до м.в. Ќурчиски колиби во атарот на селата Разловци и Тработивиште, беше изгаснат синоќа околу 19.00 часот. Екипи на ЈП Национални шуми од утрово вршеа обиколка на опожарената површина и контрола на теренот со цел навремена реакција при евентуално повторно разгорување на пожарот во кој согласно со податоците од РЦУК- Делчево опожарена е површина од околу 40 хектари со сува трева, нискостеблеста шума и борова и дабова шума.
Во гаснењето на огнената стихија како што информираше Миле Тодоровски активно беа вклучени 30-ина лица меѓу кои екипи од ТППЕ Делчево, од ЈП Национални шуми-Подружница „Голак“ Делчево, од Доброволното противпожарно друштво од Делчево, екипи од РЦ-Исток, од ОВР Делчево, како и месно население со механизација. Исто така, во гаснењето на пожарот имало и воздушна поддршка од хеликоптер на АРМ.