Речиси 20 месеци по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, родителите на загинатите млади повторно бараат институциите да ја преземат одговорноста за пропустите што доведоа до катастрофата. Здружението на граѓани „16-ти март 2025 год. – Кочани“ доставило десет предлог-заклучоци до Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните, во обид да се деблокира нејзината работа.
Документот е испратен до претседателот на Комисијата, Димитар Апасиев, а содржината на предлог-заклучоците ја објави ТВ 24. Родителите бараат, покрај кривичната одговорност што ја утврдуваат надлежните правосудни органи, да се испита и политичката, институционалната и функционерската одговорност, без разлика на партиската припадност и периодот во кој одговорните лица ги извршувале функциите.
Едно од клучните барања е да се утврди дали надлежните институции знаеле за неправилностите во работењето на дискотеката, дали имало влијанија врз инспекциските контроли и зошто не биле преземени мерки за забрана на работа доколку постоеле законски основи.
Во заклучоците се поставува и прашањето: Дали „Пулс“ ќе работел на 16 март 2025 година доколку институциите навремено и законито постапувале?
Здружението бара изготвување целосна хронологија на сите издадени дозволи и лиценци, спроведените инспекциски контроли, како и преземените или непреземените мерки. Дополнително, треба да се идентификуваат институциите и службените лица кои биле надлежни, кои знаеле или морале да знаат за неправилностите и кои евентуално не постапиле согласно своите законски обврски.
Посебен акцент е ставен и на постапувањето на инспекциските и контролните органи, како и на полициските службеници пред и за време на трагедијата. Родителите бараат да се испитаат пропустите во контролата на објектот, присуството и постапувањето на полицијата, како и мерките што биле преземени за заштита и евакуација на присутните.
Тие инсистираат сите истраги и судски постапки да се водат независно, непристрасно и темелно, без неоправдани одложувања.
Меѓу барањата се и законски измени за зајакнување на контролите, еднократна финансиска помош за семејствата на загинатите, долгорочна поддршка, како и конкретни мерки со утврдени рокови и механизми за отчетност.
Во завршниот дел од документот, родителите порачуваат дека трагедијата во Кочани не смее да остане само предмет на политички расправи и декларативни осуди.
„Не бараме пресуда на улица – бараме правда во судница, но од Собранието бараме политичка и институционална одговорност“, е пораката во предлог-заклучоците.
Тие нагласуваат дека не бараат политичка пресметка, туку целосно и неселективно утврдување на одговорноста, со порака дека правдата за Кочани не смее да заврши само на хартија.
Предлог-заклучоците треба да послужат како основа за деблокирање на работата на Анкетната комисија, која досега беше во застој поради несогласувањата меѓу нејзините членови околу тоа чии заклучоци треба да бидат усвоени.