Првите од околу 300 авганистански бегалци денеска пристигнаа во Рим преку хуманитарен коридор организиран од италијанската Влада и граѓански здруженија, хуманитарни и меѓународни организации, соопшти италијанското Министерство за надворешни работи.
Целта на хуманитарниот коридор е да им даде можност на дополнителни бегалци и прогонети Авганистанци да имаат достоинствена и безбедна иднина по повлекувањето на САД од Авганистан минатиот август и преземањето на власта од страна на талибанците, соопшти Министерството.
Илјадници авганистански граѓани беа евакуирани по падот на Кабул, но многумина кои ризикуваа одмазда од талибанците беа оставени во земјата. Министерството за надворешни работи во Рим соопшти дека ќе им се даде приоритет на жените и децата за коридорот низ кој се очекува да бидат префрлени 1.200 бегалци од Иран и Пакистан и другите соседни земји.
Најмалку девет авганистански бегалци пристигнаа со лет од Техеран. Уште 200 треба да пристигнат од Исламабад в среда, а третата група ќе пристигне од Техеран в четврток.
Во исто време, расте бројот на авганистански бегалци кои користат шверцерски рути, па така околу 3.280 кои пристигнале во Италија по морски пат оваа година, според Агенцијата за бегалци на ОН.
Меѓународната организација за миграции соопшти дека Авганистанците се најбројни меѓу бегалците кои се осмелуваат да ја поминат опасната рута преку Медитеранот до европските брегови. До минатиот петок пристигнале 8.121 луѓе.
Двете организации се вклучени во организирањето на трансферот на бегалците преку коридорот, заедно со италијанските министерства за надворешни и внатрешни работи и хуманитарни организации.