Малолетникот кој беше убиен откако нападна припадник на Жандармеријата пред израелската амбасада во Белград, во мај годинава бил уапсен во Минхен поради сомнение дека подготвувал терористички напад, објави Н1, повикувајќи се на извори во полицијата. Според истите информации, во јули бил депортиран од Германија во Србија.
Н1 наведува дека германските служби го испрашувале малолетникот, кој им раскажал како преку интернет се заинтересирал за содржини поврзани со исламскиот фундаментализам и терористичките организации Ал Каеда и Исламска држава. Според изворите на медиумот, по контакт со неидентификувано лице во Германија, тој почнал да планира напад врз еврејската заедница во Минхен.
Овие информации отвораат прашања за постапувањето на српските безбедносни служби по неговата депортација. Н1 соопшти дека упатил прашања до српското Министерство за внатрешни работи и Безбедносно-информативната агенција – БИА, за околностите поврзани со надзорот врз малолетникот. Во доставениот извештај не се наведени одговори од институциите.
Претходно, Ивица Дачиќ изјави дека нападот пред амбасадата се случил 15 минути по полноќ и го квалификува како терористички. Жандармот бил полесно повреден, а напаѓачот бил убиен.
Дачиќ тврдеше дека службата го следела лицето и дека тоа било приврзаник на Исламска држава, иако во истата изјава наведе дека неговиот идентитет сè уште не бил утврден. Според него, на профилот на напаѓачот на Инстаграм имало знаме и обележје на организацијата.
По нападот, нивото на опасност од тероризам во Србија беше подигнато на највисокиот, црвен степен, со засилено полициско присуство на локации од посебно безбедносно значење.