Македонија

Петмина кандидати во трка за нов шеф на Обвинителството за организиран криминал

Петмина кандидати во трка за нов шеф на Обвинителството за организиран криминал

Јавните обвинители денеска гласаат за нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кој треба да го наследи Ислам Абази. Во трката за функцијата се петмина кандидати, а изборот се спроведува со непосредно и тајно гласање.

За довербата на колегите се натпреваруваат Фатон Азизи и Искра Хаџи Василева од ОЈО ГОКК, Трајче Пеливанов и Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје, како и Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје.

Според информациите што ги пренесе МИА, право на глас имаат 187 јавни обвинители. Гласачките места се отворени од 8 до 16 часот, по што резултатите ќе бидат сумирани на јавна седница. Изборот го спроведува комисија формирана од Советот на јавните обвинители, во која членуваат Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова.

Кандидатите ги претставија своите програми пред Советот на 13 октомври. Меѓу приоритетите што ги посочија се зајакнувањето на истражните капацитети, финансиските истраги, борбата против перењето пари, кадровското доекипирање и поголемата ефикасност во постапувањето.

Изборот се одржува поради истекувањето на мандатот на Ислам Абази. Тој претходно најави дека нема да се кандидира за втор мандат и дека по завршувањето на функцијата планира да се врати во Вишото јавно обвинителство Гостивар.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио за изборите во Србија и Бугарија со Синиша Пекевски, Игор Бесермењи и Румен Скрински

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни