4NEWS.mk

Москва бара самит со Трамп и Си за Украина, без учество на Киев

Москва бара самит со Трамп и Си за Украина, без учество на Киев

Москва се залага за средба на Владимир Путин, Доналд Трамп и Си Ѓинпинг на која би се разговарало за завршување на војната во Украина, без учество на Киев и Европската Унија, пренесува Дојче веле, повикувајќи се на „Волстрит џурнал“. Предложениот состанок би се одржал на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка во кинескиот град Шенжен.

Според извештајот, Путин го гледа овој формат како можност за „нова Јалта“ – споредба со конференцијата од 1945 година, на која лидерите на САД, Велика Британија и Советскиот Сојуз разговарале за повоеното уредување на Европа.

„Волстрит џурнал“ наведува дека кинеските претставници преку дипломатски канали порачале оти Пекинг нема ништо против тројна средба доколку Трамп прифати да учествува. Според истиот извор, американскиот претседател покажал подготвеност за такви разговори, но во доставениот извештај нема потврда дека самитот е договорен.

Паралелно се подготвуваат разговори на техничко ниво меѓу Русија, Украина и САД, предвидени за првата половина на ноември. Точниот датум и местото сè уште не се утврдени.

Истражувачот Темур Умаров од берлинскиот Карнеги центар за Русија и Евроазија оценува дека Москва сака Вашингтон да ја третира како голема светска сила. Според него, Кремљ се надева дека евентуален договор со САД и Кина би ја поттикнал Белата куќа да изврши притисок врз Украина и ЕУ да ги прифатат руските услови.

Умаров смета дека Пекинг би имал претежно симболична улога, без да преземе одговорност за исходот од преговорите. Дури и при усвојување заедничка изјава, според неговата процена, Кина веројатно би инсистирала на општи и необврзувачки формулации.

Јуриј Појта, истражувач во Институтот за кинески студии МЕРИКС, гледа и пошироки интереси. Тој оценува дека Русија и Кина сакаат намалување на западното воено присуство во Европа и Азија и слабеење на влијанието на НАТО. Според него, намалена американска воена помош за Украина би ѝ донела дополнителна предност на Русија на фронтот.

Мајкл Кимиџ, директор на американскиот институт „Кенан“, не очекува Кина да врши силен притисок врз Путин за завршување на војната. Тој смета дека за Пекинг е особено важен политичкиот опстанок на рускиот претседател, бидејќи Русија обезбедува евтина енергија и претставува надворешнополитички партнер.

Кимиџ истовремено предупредува дека евентуалното отсуство на Европа од преговарачката маса не значи дека таа нема влијание. Финансиската и воената поддршка што европските држави ѝ ја даваат на Украина, според него, останува значаен фактор и во одбраната и во преговорите.

Умаров нагласува дека секој договор меѓу Вашингтон, Москва и Пекинг би морал да ја земе предвид состојбата на теренот и одлуките на самата Украина. Дипломатскиот притисок, оценува тој, не може целосно да го одреди развојот на настаните на бојното поле.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио за изборите во Србија и Бугарија со Синиша Пекевски, Игор Бесермењи и Румен Скрински

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни