Владина делегација предводена од вицепремиерот Маричиќ, министерот за правда Тупанчевски и заменик министерот Нухиу по повод годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, положија свежо цвеќе на споменикот на жртвите од земјотресот.
Цвеќе положија и од Град Скопје, Црвен Крст, градоначалници, и други функционери од политички партии. Почит кон загинатите лица во земјотресот оддадоа и делегации од Собранието и Канцеларијата на Претседателот на државата, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во нашата држава.
Годинава се одбележуваат 59 години од катастрофалниот земјотрес што се случи во Скопје на 26 јули 1963 година.
Во земјотресот загинаа 1.070 лица, дополнително беа повредени најмалку 3 илјади лица, а околу 200 илјади скопјани останаа без своите домови.
„Верувам дека треба да гледаме кон иднината. Треба да гледаме не само на тоа само на овој ден да ги спомнуваме жртвите кои што ги имаше од овој катастрофален земјотрес, туку треба да гледаме на тоа како Скопје прерасна од метропола во град на солидарноста, град на соживотот, на град на кој што голем број на нации пристапија во помош и со тоа тој повторно да се издигне од рушевините“, вели Арсовска.