Повикот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за заеднички настап на албанските партии со заеднички кандидат за претседател предизвика бројни реакции во јавноста. Универзитетскиот професор, Сефер Тахири не верува дека ќе се постигне соработка по ова прашање, бидејќи опозицијата ќе се обиде да ја оспори позицијата на ДУИ, а не да прифати или усвои нејзини предлози.
„Мислам дека не треба да се загрозува плурализмот на албанските политички сили, и доколку албанските политички партии оценат дека треба да излезат, да учествуваат на избори, би било добро да настапат самостојно, да настапат со свои кандидати, бидејќи повиците за соработка се чини дека во актуелниот политички момент се неостварливи“, изјави Сефер Тахири – аналитичар.
Ниту Артан Дика не верува во заеднички кандидат на албанските партии. Вели дека во повикот на ДУИ за заеднички кандидат, недостасува искреност. Според него поради политичките случувања во минатото, во албанскиот политички блок во моментов нема услови за заеднички кандидат.
„Не може да се влегува во такви игри кога нема доверливост и морален кредибилитет кај лицето кое предлага такви работи. Јас мислам дека ќе беше поискрено ДУИ, бидејќи им пропадна обидот за таканаречен консензуален претседател, такво нешто да и предложат на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Артан Дика – аналитичар.
Аналитичарите го делат мислењето дека албанските партии не треба да трошат многу енергија на претседателските избори бидејќи според нив шансите за албански кандидат да победи се многу мали. Албанските партии, велат експертите, повеќе да се насочат кон реализирање на нивните програми.
РЕПОРТЕР: АРМЕНД ГАШИ