Македонија

За прв пат во историјата – идните амбасадори тајно ги бранеа своите тези

Комисијата за надворешни работи за прв пат во историјата одржа седница зад затворени врати. 10-те идни амбасадори ги бранеа своите тези за функцијата што ќе ја вршат. Наместо со седницата да претседава претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски, или неговата заменика Магдалена Манаскова, тоа го направи пратеничката на СДСМ, Ивана Туфекџиќ. Таа вели дека тезите на амбасадорите се класифицирани информации, поради тоа седницата не беше отворена за јавноста, односно не можеа да присуствуваат новинари и сниматели.

Реагираше претседателот на Комисијата Антонио Милошоски.

„Дали е ова транспарентност и законитост ценете сами, праќаме амбасадори во светски центри со класифицирани биографии и тези. Ова е срамна порака и до земјите каде се испраќаат овие амбасадори. Дали со ова покажуваме дека праќаме несоодветни лица, дали е точно дека двајца од амбасадорите не ги исполнуваат сите законски услови за да бидат упатени, или пак имаме скриена дипломатија кон традиционалните сојузници како Германија, Шпанија, Австрија но и сите други земји?“, изјави Антонио Милошоски – претседател на комисијата за надворешни политики.

Во знак на револтот парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата.

Од министерството за надворешни работи велат дека исклучувањето на јавноста од седницата не е одлука, ниту намера на Министерството, но во техничката операционализација, тезите се доставени со квалификација која наведува на одреден степен на доверливост. За време на презентацијата на тезите пред колегиумот во Министерството, било оценето дека одредени теми се од сензитивна природа и оттука била потребата за соодветен степен на доверливост.

Тезите ги бранеа идните амбасадори Игор Џундев- – амбасадор во Меѓународните организации во Виена, Горан Стевчевски- Унгарија, Оливер Крлиу – Мадрид, Ненад Колев – Виена, Абдулкадр Мемети – Обединети арапски емирати, Сузана Зелениковска – Словенија, Екрем Ебиби – Босна и Херцеговина, Рамадан Азифи – Германија, Крум Ефремов – Украина и мира Крајачиќ – Шведска.

РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни